[:mk]По повод 8 Сптември – Денот на независноста на Македонија, по 22 –ри пат се одржа традиционалната планинарска акција Искачување на Голем Кораб. Како и претходните години сведоци бевме на голема заинтересиранст за освојување на највисокиот врв во Македонија.  Националниот парк Маврово изразува голема благодарност на сите што учествуваа на овој настан и како и оваа година така и наредните ќе подржува, помага и организира вакви манифестации кои ја подигаат свеста за богатсвото што ни го дарила природата, заштитата на животната средина и развој и унапредување на туризмот.

 

Во продолжение следува текст превземен од Утрински весник чиј автор е Киро Кипроски

 

Масовното искачување на врвот Голем Кораб, годинава по 22. пат, во чест на 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија, мошне успешно го организираше Планинарското спортско друштво „Кораб“ од Скопје

 

„Пресреќни сме што се искачивме на покривот на нашата држава, токму на Денот на независноста“, со насмевка на зацрвенетите лица, иако изморени од искачувањето на врвот Голем Кораб 2.764 м (2.864 м), не го криеја своето задоволство од успехот планинарките Светлана и Зорица, двете од Скопје. „Со леснотија, без тешкотии ги совладувавме угорнините, а нешто полесно ни беше кога слегувавме од височините. Во ниту еден момент не почувствувавме криза“, додава Светлана. „Со исто темпо се движевме низ серпентините, два-три пати по десетина минути одморавме и за нешто повеќе од четири часа пристигнавме на целта, се потпишавме во книгата, се фотографиравме на највисоката точка на нашава држава, направивме повеќе фотографии на пејзажи на околината која не’ опкружуваше и тоа од најголемата височина. На сите страни непрегледни убавини, се воодушевувавме од глетките пред нас, од реките и потоците, од колоритот на растенијата и шумата. Ден што ќе ни остане вечно во паметење од доживувањата што ги имавме на планината Кораб. Сите бевме среќни што временските услови беа идеални, сончево време и беспрекорна чистина на воздухот, ни овозможуваа да направиме квалитетни фотографии. Прекрасно го минавме еднодневниот пешачки маратон, допрва ќе ги средуваме впечатоците. В година повторно ќе дојдеме да уживавме во прекрасните предели и да се дружиме со планинарите“ велат Светлана и Зорица.

 

Со вакви и слични впечатоци се вратија сите што се искачија на Голем Кораб, кои престојуваа на овој планински масив кој привлекува и предизвикот да се престојува е голем и ги мами љубителите на планината.

 

Актерот Зоран Љутков, кој е уметнички директор на Драмски театар во Скопје, на својот „Фејсбук“-профил ќе забележи дека по вторпат се искачил на Голем Кораб и ова ќе му придонесе за успешно да ја започне новата театарска сезона.

 

„Импресивна беше глетката на Кораб. Долги колони планинари од сите возрасти, мажи, жени, момчиња и девојчиња, дечиња, со ранци и со стапови во рацете ги искачуваа угорнините или, пак, се симнуваа“, ни говореше по завршувањето на планинарскиот маратон гостиварецот Горан Филиповски, официјален водич на планина. „Мојата група броеше околу 50 лица од Гостивар, кои претежно беа млади и првпат се искачуваа на врвот Голем Кораб. Презадоволен сум што сите момчиња и девојчиња успеаја да се искачат, а тие, исто така, беа презадоволни што го положија првиот испит на планина“.

 

Инаку, масовното искачување на врвот Голем Кораб, годинава по 22. пат, во чест на 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија, мошне успешно го организираше Планинарското спортско друштво „Кораб“ од Скопје. На планинарскиот маратон учествуваа над илјада планирани и вљубеници на планината од повеќе планинарски друштва на нашата држава: Скопје, Тетово, Гостивар, Куманово, Неготино, Кавадарци, Битола, Прилеп, Кичево, Демир Хисар, Охрид, Струга, Кочани и од други места и планинари од Србија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Бугарија, Турција, Германија, Австрија, Швајцарија и од други држави.

 

Планинарскиот марш започна утрото на 8 септември, од месноста Штировица, на подножјето на планината Кораб, на надморска височина од 1.280 метри. По пристигнувањето, планинарите веднаш го започнуваа маршот, се’ со цел подолго време да престојуваат на планината и да уживаат во недопрената природа, која смирува и ги разгалува чувствата и емоциите на планинарот. Патеката, која е маркирана во двата правци, изнесува 18.160 метри. Искусните планинари, со добра физичка подготвеност, ја минаа патеката за нешто повеќе од 100 минути, а другите планинари – аматери, во зависност од годините и полот, меѓу три и четири часа.

 

Ноќ во шатор

 

Стотина планинари, претежно од странство и од подалечните места на нашава држава, ноќта пред почетокот на планинарскиот марш за искачување на врвот Голем Кораб, ја минаа во шатори, кои беа поставени во месноста Штировица. Во разговорот планинарите ни рекоа дека преноќиле во шатори, бидејќи нема планинарски дом, а желба им била одморни да планинарат и да бидат подолго време во природа, за да уживаат во благодетите кои им ги пружа.

 

И овој пат планинарите упатија апел до надлежните во државава, на овој локалитет на подножјето на планината Кораб, да изградат планинарски дом, со што ќе се направи квалитетен скок во развојот на планинарството на овој дел на Македонија. Многу планинари од странство, но и домашни, констатираа дека непостоењето на планинарски дом ги спречува во намерата и желбата да бидат почести гости на оваа македонска планинска убавица. Доколку има место за сместување, т.е. ако се изгради планинарски дом, во текот на целта година ќе има голем број на гости, вљубеници во планината и планинарењето кои ќе престојуваат таму за да уживаат и да истражуваат.

 

Фотографиите се превземени од karas4training.com а целата галерија можете да ја погледнете на следниов линк

http://karas4training.com/mk/gallery/korab-2013-galerija#25

[:]

Остави Коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Можете да ги користите следниве HTML тагови и атрибути:

<a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

[jw_easy_logo slider_name="Logos Slider"]