[:mk]СООПШТЕНИЕ

ГАЛИЧКА СВАДБА 2017:
Продолжува негувањето на автеничната традиција и богатото културно наследство

Скопје, 05.07.2017 – Повеќе од 5000 илјади посетители од земјава и странство се очекува да присуствуваат на годинешното 44-то издание на автентичната културно-сценска манифестација „Галичка свадба“ која ќе се одржи на 15-ти (сабота) и 16-ти јули (недела) во селото Галичник на планината Бистра.
Оваа година судбоносното „Да“ во живописниот Галичник ќе го кажат невестата Тања Чаловска и зетот Бошко Лепчески. Во текот на двата дена од манифестацијата, посетителите ќе имаат уникатна можност да бидат сведоци на над триесет автентични свадбарски обичаи и ритуали проследени со изворни свадбарски песни карактеристични за овој крај од Македонија. Традиционално, почетокот на свадбата се означува во сабота со поставување на свадбарското знаме, како и симболичниот чин на „фрлање“ три пушки од куќата на зетот (вила „Доста“). Церемонијата на венчавање на младенците ќе се изврши во недела во монументалниот храм „Св. Апостол Петар и Павле“ во селото, а манифестацијата ќе заврши со чинот на испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.
Особено впечатлив белег на целата манифестација претставуваат колоритните носии на сите учесници во свадбената свеченост. Всушност, поседувањето на автентична галичка носија е единствениот услов за учество во „Галичка свадба“. Со својата уникатност се издвојува невестинската носија на која преовладуваат белата, жолтата и црвената боја и на која доминира богатиот вез распореден на ракавите и на предниот дел од кошулата. Составен дел од невестинската носија е и накитот изработен со филигранска прецизност и уникатни златни и сребрени елементи. Интересен податок е дека невестинската носија може да тежи и до 30 килограми.
Со оригиналните свадбарски обичаи и адети, народните песни и ора, манифестацијата „Галичка свадба“ придонесува за сочувување, негување и афирмација на автентичниот фолклор, традиција, карактерстичната архитектурата и целокупното богато културно наследство на овој крај од Македонија. Дополнително, „Галичката свадба“ е своевиден македонски туристички бренд кој е составен дел од многу туристички проспекти и понудата на тур-операторите.
Исполнувањето на ваквата мисија на оваа манифестација нема да биде возможно доколку не е поддршката од нејзините партнери и помагатели кои и оваа година се во голем број. Меѓу нив се: Министерството за култура, Универзитетот за туризам и менаџмент од Скопје, Пивара Скопје, Комерцијална банка АД Скопје, ЕВН Македонија, Вода Маја, Технокомерц, Неотел, Халкбанка, Греемак Гроуп, Клиника Жан Митрев, ГП Дабар, Општина Маврово и Ростуше, Национален парк Маврово и други.
Инаку, со одржувањето на манифестацијата „Галичка свадба“ веќе 26 години се отвора „Галичкото културно лето“ во чии рамки се предвидени и други настани како што се ликовни колонии, изложби, книжевни средби и друго. Организатор на „Галичка свадба“ и останатите настани во рамки на „Галичкото културно лето“ е месната заедница на селото Галичник, која и оваа година се погрижи сите посетители да имаат можност да уживаат во убавината и да ја почуствуваа автентичноста на настанот. Во таа насока е и апелот до сите посетители да го почитуваат специјалниот сообраќаен режим кој ќе биде воспставен во деновите на одржување на манифестацијата. Поради ограничените просторни можности на селото и потребите поврзани со одржувањето на „Галичка свадба“, движењето со моторни возила во селото ќе биде ограничено. Постетителите ќе можат да ги паркираат своите возила на фудбалското игралиште пред селото, по што за сите заинтересирани ќе биде организиран превоз со минибуси до влезот на Галичник.

Текстот е превземен од: https://www.facebook.com/mzgalichnik/posts/332107330559839

Фото: https://www.facebook.com/mzgalichnik/posts/332107330559839

[:]

Остави Коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Можете да ги користите следниве HTML тагови и атрибути:

<a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

[jw_easy_logo slider_name="Logos Slider"]