[:mk]

На 04.09.2011г.(недела) ЈУНП Маврово заедно со претставниците на спелеолошкото друштво “Пеони„ и спелеолошко нуркачкиот клуб “Врело„ беа дел од екипата која организираше посета и влез во пештерата “Алилица„ во близина на с. Тресонче. Гостите кои имаа можност да го посетат овој регион, беа воодушевени од убавината со која истиот изобилува. Тресонче како едно од поубавите села во регионот, чистата и ладна Тресонечка река и убавата лесна патека по која се стигнува до пештерата Алилица, придонесе оваа екскурзија да биде вистинско уживање за сите оние кои беа дел од неа.
Алилица се наоѓа на 1 час пешачење од селото, а патеката во голем дел е широка со благи нагорнини и во поголемиот дел е под сенка но сеуште не е маркирна, што и не претставува некој поголем проблем затоа што до самата локација ве води планински пат кој е во добра состојба. Патот се стеснува на две до три точки каде што е потребно поголемо внимание додека истите се поминат. Некаде на почетокот од патеката има и чешма од каде што извира ладна и чиста вода а местото најчесто служи за првата кратка пауза пред да се тргне кон пештерата. Движењето по кањонот на Тресонечка река нуди неверојатни услови. Од десната страна се појавува и еден помал но преубав водопад кој само го најавува она што следи. После 1 час пешачење се стигнува до самиот влез на пештерата пред која се поставени и клупи за одмор. За да се влезе внатре потребно е да се помине реката која во овој период од годината е помала додека пак во раната пролет е голема и дел од неа навлегува во самата пештера.
Професионалците од “Пеони„ и “Врело„ ги поделија гостите на две групи, ја  проверија опремата кај секој поединечно и направија проверка на пештерата пред да се упатат во неа заедно со гостите. Посетата на Алилица траеше околу 45 минути а гостите кои влегоа внатре беа видно возбудени од тоа што успеале да го видат во внатрешноста на земјата.  Според исказите на спелеолозите Алилица е една од најубавите пештери во поширокиот регион и нуди исклучителни можности за љубителите на ваквите активности.
Всушност, комплексот Алилица претставува комплексна и сложена пештера која се состои од два континуални канала, што се наоѓаат на различна надморска висина и кос канал што ги поврзува. Неа, ја сочинуваат Долна и Горна Алилица. Долната е подолга и од Горната. Влезот на пештерата Долна Алилица, којашто има елипсовидна форма, се наоѓа под стрмен варовнички отсек во нивото на Тресонечка Река на надморска височина од околу 1.450 метри надморска височина. Висината на влезниот отвор е два метри, а ширината е 5,5 метри.
На самиот влез се наоѓа ситен речен материјал, песок и чакал, наталожен од Тресонечка Река, што понекогаш го чини влезот целосно непристапен. За Долна Алилица е карактеристичен подземниот воден тек што се среќава по целата должина, со исклучок на почетокот на каналот, додека Горна Алилица е сува пештера. Каналот на Горна Алилица е инверзно наклонет, а на Долна – континуелно кон излезот, што значи дека првиот постепено се спушта кон внатрешноста, а вториот постепено се издига. Во Долна Алилица карактеристични се големи блокови камења урнати од таваницата, така што на дното од каналот се формирани разновидни акумулативни творби, а на таваницата ерозивни творби, кубиња, сводови и др. Во Горна Алилица од акумулативните творби се истакнуваат кади и каскади наредени една до друга. Најголемата има димензии 3 – 2 метри, а висината и е 40 см. И во едната и во другата се среќава наталожен речен материјал, чакал, кој по површината е карбонизиран, неговата дебелина, особено во долниот канал, изнесува 3 метри. Ова упатува на постоење пештерска акумулативна тераса, а и на подземен речен тек во Горна Алилица.  Вкупната должина на пештерските канали во системот Алилица изнесува 590 метри.
 Постојат неколку преданија за тоа како пешерата го добила своето име.
Првото предание зборува за некој овчар по име Алил, кој понекогаш крадел јагниња од другите стада, истите ги колел и ги пуштал по Тресонечка река каде што ги дочекувала неговата сестра. Кога жителите дознале за ова, го отепале и го фрлиле овчарот во пештерата која подоцна ја нарекле Алилица.
Втората приказна е поврзана со некој Алил Паша кој враќајќи се од собирање арач бил нападнат од страна на арамии кои овој кањон го користеле за криење, а пашата бегајќи од нив се сокрил во пештерата и таму го оставил и азното. Според некои кажувања, Алил Паша подоцна се вратил и го земал азното но некои веруваат дека тоа богатство сеуште е сокриено некаде во пештерските ходници.
Третата легенда, е посветена на  една убава девојка со име Лила која исчезнала на мистериозен начин. Селаните кога ја барале извикувале: “Ооо, Лилице, ааа Лилице, а-лилице, Алилице!!!” . Со оглед на тоа што во тој период сите се плашеле да влезат во огромната темна пештера, селание претпоставиле дека девојката е падната внатре и дека е мртва па затоа пештерата го добила името Алилица.  Не се знае дали Лилица некој некогаш ја пронашол.
Покрај ова Тресонечкиот кањон нуди исклучителни можности за туристите со авантуристички дух. Во кањонот се сместени 12 водопади од кои секој има исклучителна убавина. На самите водопади од страна на спелеолошкото друштво “Пеони„ е поставена опрема- клинови за кањонинг така што ова е прекрасна можност за оние кои се занимаваат или сакаат да го пробаат овој спорт, да ги користат овие терени кои се на ниво со светски познатите локалитети за оваа намена.
За ваша сигурност, ви препорачуваме да не ја посетувате пештерата Алилица како и Тресонечките водопади  без стручна придружба и опрема како и без претходна најава во ЈУНП Маврово.

[:]

Остави Коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Можете да ги користите следниве HTML тагови и атрибути:

<a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

[jw_easy_logo slider_name="Logos Slider"]