[:mk]Ерозијата на почвата е означена како најзначаен, најопасен и најраширен тип на деградација на
почвата и е лимитирачки фактор за одржливо користење на земјиштето. Почвата може да биде
еродирана поради дејство на ветер и вода. Водената ерозија е најраширен проблем во Европа.
Регионот на Јужна и Југоисточна Европа е значително подложен на ерозија. Ова е поради долгиот
сушен период после кој следат интензивни врнежи кои паѓаат на незаштитени падини што резултира
со значителни ерозивни процеси. Ова е во контраст на Северна и Западна Европа каде што ерозијата
е многу помала поради тоа што распоредот на врнежите е рамномерно распореден во годината.
Поради планинскиот карактер на Република Македонија, ерозијата е раширена во целата држава.
Процесите на водена ерозија се доминантни. Во западниот дел од државата теренот е стрм, груб,
дисециран со развиена хидрографска мрежа при што процесите на линиска ерозија се доминантни.
Исто така има појави на свлечишта.
На територијата на Националниот Парк Маврово, најерозивно е непосредното сливно подрачје од
Рибничка до Валавичарска Река. Од сливовите на реките најерозивни се сливовите на: Голема Река
и Валвичарска (Жировничка, Таировска) Река. Процеси од висока категорија на разорност (I и II
категорија), т.е коефициент на ерозија Z > 0.85 се забележуваат само во долнореканскиот крај.
Процеси од втора (II) категорија на разорност има и во сливот на Рибничка (Длабока) Река.
На ниво на целото подрачје, просечната вредност на коефициентот на ерозијата изнесува Z = 0.31,
што го вклучува подрачјето во IV категорија, односно подрачје со слаба ерозија, според јачината на
ерозивните процеси. Притоа, најниски вредности има во делот возводно од Мавровско Езеро Z =
0.14 до 0.22, додека пак најголема вредност има во непосредното сливно подрачје Рибничка Река ‐
Валавичарска Река, каде изнесува Z = 0.87.
Ретенционите објекти имаат значајна улога и функција во регулирање на режимот на транспорт на
ерозивниот нанос. Акумулациите на вода покрај основната намена, имаат и голема ретенциона
функција. Со изградбата на брани за акумулација на вода, во целост се менува режимот на
протекување и пренесување на водата и наносот. Најчесто во акумулациите се таложи најголем дел
од ерозивниот материјал кој се произведува во сливот (освен дел од фракциите на колоиди,
прашина и ситен песок). Со изградбата на акумулациите “Луково Поле” и “Бошков Мост”,
првенствено “Бошков Мост”, ќе дојде до промени во режимот на пренос и таложење на наносот по
коритото на река Радика и во Дебарско Езеро. Со изградбата на наведените акумулации,
количеството на нанос кое река Радика просечно годишно ќе го транспортира низводно од профилот
“Бошков Мост” ќе се намали за 1/5. Освен изградбата на акумулации, други противерозивни
ретенциони објекти во Паркот не се предвидуваат, освен ободни‐ретенциони канали кои се во
функција на евакуација на површинските и плитките подповршински води од зоната на свлечиштата.
Во шумско‐биолошките мерки за заштита од ерозија се вклучени: пошумувањето, затревувањето,
мелиорацијата на деградирани шуми и пасишта и мелиорацијaта на деградирани земјишта‐почви.
При планирањето и реализацијата на биолошките работи особено внимание треба да се посвети на
следните работи: избор на видовите за пошумување и затревување; избор на сезона за пошумување
и затревување (пролет или есен); избор на техника и технологија и метод‐начин на пошумување;
избор на метод‐начин на подготовка на почвата за пошумување; нега и заштита на новоподигнатите
култури и друго. При изборот на видови, првенствено треба да се претпочита автохтоната вегетација
и присутната вегетација на соодветните месторастења, како најдобар индикатор за избор на
видовите. Сите избрани видови (дрвни, грмушки и треви), пожелно е да имаат и широка еколошка
валенца.

Табеларен приказ во следниов прилог:

 [:]

[jw_easy_logo slider_name="Logos Slider"]