[:mk]Во сливот на реката Радика кој е вклучен во рамките на територијата на Националниот Парк
регистрирано е присуство на вкупно осум (8) видови на риби, од кои четири (4) видови припаѓаат кон
фамилијата на Краповидни риби (Cyprinidae) и четири (4) видови на риби кон фамилијата на
Пастрмки (Salmonidae).
Краповидните видови на риби се присутни во долниот тек на реката Радика, низводно од Бошков
Мост, додека само поединечни залутани примероци можат да се сретнат узводно од Бошков Мост,
помеѓу кои ќе ги наброиме следните видови: Клен (Squalius cephalus), Скобуст или Бојник
(Chondrostoma nasus), Охридска плашица (Alburnus scoranza) а поретко и Западно‐балканската или
Охридска мрена (Barbus rebeli).
Водите на реката Радика со притоките, во својот среден и горен тек, низводно до Бошков мост,
односно во рамките на територијата на Националниот Парк Маврово ги населуваат исклучиво риби
од фамилијата на пастрмки (Salmonidae).
Помеѓу нив најбројна е популацијата на Радичката пастрмка (Salmo farioides), која го населува
средниот и горниот тек на реката Радика и притоките, искачувајќи се спротиводно скоро до
изворишните води. Во водите на реката Радика низводно и околу Бошков Мост, Радичката пастрмка
веќе не е присутна. Додека во водите на реката Радика со притоките, Радичката пастрмка се јавува во
вид на типична поточна пастрмка, во однос на својата величина и тежина, во Мавровското Езеро,
истата добива сосема други особини, односно, популацијата ја сочинуваат покрупни примероци, при
што единки со тежина од по неколку килограми не се ретка појава.
Во водите на реката Радика, околу Бошков Мост, во Мала Река, Росочка и Гарска Река се среќава
Гарската Пастрмка (Salmo montenegrinus). Гарската пастрмка се разликува од Радичката пастрмка по
тоа што е со позбиено тело (здепаста), поиздолжена глава, упадливо поширока горна вилица во
задниот дел и изразено покрупни очи.
Обојувањето на телото е исто така различно кај двата вида на пастрмки. Кај Гарската пастрмка
црните петна се поситни, сконцентрирани во предниот дел на телото, додека црвените петна се
најчесто со вино‐црвена боја, додека кај Радичката пастрмка, тие се со посветло црвена боја.
По однос на периодот на мрестење, Радичката пастрмка се мрести во втората половина на декември,
додека Гарската пастрмка кон крајот на август и почетокот на септември.
Третиот вид на пастрмка кој се среќава во реката Радика, кај народот и помеѓу спортските риболовци
позната како Главатица, во научните кругови е сеуште со недефиниран таксономски статус.
Караман (1957), главатицата ја наведува под научното име Salmo genivittatus (Heckel & Kner, 1858).
Apostolski et al. (1956), како и Наумовски (1995), главатицата ја наведуваат под научното име Salmo
marmoratus Cuvier, 1829. Современата таксономска класификација видот „ genivittatus“ го става во
синонимија на видот Salmo marmoratus. Меѓутоа, Kottelat & Freyhof (2007) дистрибуцијата на видот
Salmo marmoratus Cuvier, 1829 ја ограничуваат на Северниот дел на Италија, односно овој вид не е
присутен во Источно‐јадранското сливно подрачје. За ова сливно подрачје, тие го наведуваат видот
Salmo dentex (Heckel, 1852), оригинално опишана од реките Неретва и Крка, со ареал на
распространување кој ги вклучува и реките Црн Дрим и Радика.
Поконкретни податоци за Главатицата во реката Радика дава Караман (1957), за еден примерок
уловен на составот (вливот на Мала Река во Радика), како и два примерока со должина поголема од
110 cm и тежина од 10 kg, уловени во реката Радика, изложени како дермопластични препарати во
Природонаучниот музеј на Македонија.
Четвртиот вид на пастрмка кој се среќава во водите на Националниот Парк Маврово, не е автохтон
вид, туку станува збор за избегани примероци од рибниците долж реката Радика и Мавровското
Езеро, каде во комерцијални цели, се одгледува Калифорниската пастрмка (Oncorhynchus mykiss).
Што се однесува до представниците од фамилијата на Пастрмки (Salmonidae), сите три видови на
автохтони пастрмки се типични жители на чисти брзи планински реки и потоци, во кои водата е со
висока концентрација на растворен кислород. Оттаму, дури и мали нарушувања на квалитетот на
водата поврзани со загадување, деструкција на крајречната (рипариска) вегетација, како и
намалување на степенот на пошуменост на сливното подрачје исклучително негативно се
манифестира врз бројноста и виталноста на популациите.
По однос на изградбата на акумулацијата „Луково Поле“, не се очекуваат негативни ефекти врз
популацијата на Радичката пастрмка (Salmo farioides), која е единствен вид присутен на тоа подрачје,
затоа што овој вид успешно опстојува во Мавровското Езеро.
Влијанието врз Гарската пастрмка (Salmo montenegrinus) со изградба на акумулацијата помеѓу селата
Тресонче и Селце, во рамките на хидроенергетскиот систем „Бошков Мост“, не може да се предвиди,
затоа што досега не постојат научни анализи за биологијата на овој вид.[:]

[jw_easy_logo slider_name="Logos Slider"]