На 20.07.2014( недела) во организавија на ПСД Макпетрол и ФПСМ се одржа натпревар во спортско планинарско трчање.

Стартот и финишот се од с. Беличица, а патеката која е претходно маркирана и очистена води до врвот Меденица каде што ќе биде поставена последната контролна точка.

Овој прекрасен спортски настанот е поддржан од ЈУНП Маврово.

Националниот парк Маврово работи на воспоставување на соработка со сите  спортски федерации и друштва кои во иднина планираат да организираат вакви или слични настани на територијата на паркот. Сметаме дека ова е еден добар настан кој во иднина би требало да добие меѓународен карактер. Покрај промоцијата на планинарските спортови, ваквите настани играат важна улога при промоцијата на туристичките потенцијали како на НП Маврово, така и на Р.Македонија во целост.

Во продолжение извештај за одржаната трка:

Автор: Трајче Панковски

Фотографии: Владимир Сикавица, Елена Величковски, Трајче Панковски

Во недела – 20 јули 2014 година малото и живописно село Беличица беше центарот на еден интересен настан – нешто што за прв пат се одржува во овие предели – натпревар во планинско трчање (trail running) наречен BM Trail 2014 – Беличица – Меденица – Беличица. На повикот за учество се одзваа 50 натпреварувачи и уште околу 15 планинари. Временските услови за одржување на натпреварот беа идеални. Убавината на природата како да им ја олесна маката на натпреварувачите па тие на целта стигнуваа уморни но сепак со озарени лица – среќни што ете – повторно успеале да направат нешто ново и да се надминат себе си. Се на се – голема група на позитивни луѓе овој ден ја оплеменија планината а верувам и таа нив.

Дел од екипата пристигна во саботата – десетина луѓе – за да се провери уште еднаш патеката, да се дочистат и маркираат некои делови а и да се направат други подготовки. Важно беше исто така да се организира транспорт на донираната Горска Вода до врвот Меденица. Со помош на љубезните домаќини од НП Маврово и од овчарите од бачилото Говедарник – и таа работа беше успешно завршена.

Патеката во првиот дел се движи низ една убава шума по прекрасна широчка шумска патека а пооа излегува на поотворен простор – прекрасниот Суви Дол – место оградено со високи елки а во средината дебел тепих од трева и цвекиња. Добро де – има и коприви – но патот беше пробиен да може натпреварувачите безбедно да трчаат. А малиот нагиб овозможува убаво трчање нагоре. Потоа се издигнува патеката до Сенечкото езеро кое е речиси без вода но има тенка зелена скрама како прекривач. Оттаму се навлегува во попланински дел главно покриен со трева, на места висока трева. Понекогаш се оди по тесна патека, но понекогаш патеката се губи и се оди преку трева. Можеби маркациите требаше уште почесто да се ставаат – нешто што ќе го корегираме следниот пат – за да може уште полесно да се ориентираат тркачите на теренот. Ќе се обидеме и да најдеме малку поинаков пристап за да го намалиме делот од патеката каде се гази странично, што на поголем број од натпреварувачите им пречеше, а на некои им предизвика плускавци на стопалата.

Прв на целта пристигна Марјан Бонев со време 2 часа 53 минути и 48 секунди. Само околу 50 секунди по него притигна Жикица Ивановски, а по 3 минути пристигна и третопласираниот Срѓан Милошевски. Кај дамите прва беше Марија Богдановска со време 4 часа 12 минути и 25 секунди, само четириесетина секунди пред втората Amy McGoldrick. Трета беше Тања Манчева. Подолу е прикажана комплетната листа на финишерите со време на врвот Меденица и време на целта.

Ова прво – навистина пробно издание на оваа трка помина одлично – навистина ги надмина очекувањата. За следната година ќе се обидеме уште подобро да го организираме настанот и да се појават на стартот повеќе натпеварувачи. Благодарност до сите што го помогнаа настанот, а особено до волонтерите кои учествуваа во чистењето и маркирањето на патеката – дека без нив овој настан немаше да биде можен.

Целосниот детален извештал можете да го прочитате тука

This slideshow requires JavaScript.

Остави Коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Можете да ги користите следниве HTML тагови и атрибути:

<a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

Logos Slider