[:mk]

Текстот е превземен од Утрински Весник

www.utrinski.mk

Автор: 

Киро Кипроски

Галичник – Голема радост, насмевки на лицата, врутоци на среќа бликаа од душите на галичките невести Ана Гаревска и Маргарита Ивановска и на нивните сопружници Иван Сариевски и Стефан Куковски, по венчавањето во монументалната црква „Свети Петар и Павле“ во Галичник. Тие гордо пред олтарот, пред Господ, пред свештеникот, пред најблиската рода и пред големиот број гости, гласно и потврдно го изговорија судбоносното „Да“. Притоа си ветија дека ќе бидат верни еден на друг, си посакаа семејствата да им бидат среќни, да изгледаат повеќе деца, да се радуваат на заедничкиот живот, да си исчекаат свадби на родот свој, да мажат и да женат, внуци да гледаат…

И годинешниот Петровден потсетуваше на минатото, кога на овој ден се одржуваа по неколку десетина свадби. Галичник грмеше, татнеше, ечеше од писоците на двестете рала зурли и тапани, а звуците се разлеваа низ планината Бистра и по долината на реката Радика.

На годинешното 41. издание на атрактивната курторолошко-туристичка манифестација „Галичка свадба“, првпат во полвековниот опстој, имаше две свадби. Невестите и момчињата и двестете учесници, на присутните автентично им ги доловија свадбарските обичаи и ритуали на „Галичката свадба“, која ја прават една и единствена на пошироките балкански простори.

Момите и момчињата и повозрасните сватови беа облечени во колоритната галичка носија, филигрански извесена со срма од вредните терзии, богатиот накит и другите апликации на носијата го привлекуваа вниманието на посетителите.

Во куќата на Куковски, што се наоѓа во „Чучка Маало“, три дена домашните и гостите се веселеа, пееја, се гоштева со јагнешко печење, со пити и со други галички специјалитети, а залеваа со рујно вино, се’ по ред како што доликува на домаќинска куќа. Секако од радост бликаше дедото Љубе, кој се приближува кон деведесеттата година. „ По неколку децении, по мојата свадба во 1948 година, што не ни помислував, дочекав во мојата куќа да чукне тапан, да писне зурла и стројната невеста на мојот внук Стефан да го мине куќниот праг“.

Со китење на свадбарскиот бајрак, поставување на куќата на младоженецот и „фрлање“ на три пушки беше означен почетокот на свадбарските свечености. Свекрвата Ѓурѓа Куковска го одигра свекрвиното оро, а највпечатлив беше обичајот кога момите со две стомни шарени одеа да наполнат вода од три чешми. Долгите колони на сватови со борина в рака, кои минуваа низ змиулестите патеки, создадоа посебен амбиент во ѕвездената јулската ноќ и сите беа импресионирани од глетката.

Посебни емоции кај галичани побуди обичајот канење на мртвите, на најблиските, од кои зетот, со најблиската рода побара дозвола да се жени и ги покани на свадба, за да му ја заличат софрата… Кумот, кумата со семејство подготвени го пречекаа зетот, кој со карта со ракија ги покани на свадба.

Пред неколку илјадната публика, која беше начичкана на амфитеатралниот простор над чешмата на платото беа изведени обичајот бричење на зетот, на строј, кршење на „шутката“, невестата го заигра невестинското оро и други обичаи. Атрактивна беше коњаницата предводена од бајрктерот, во која покрај побратимите беше младоженецот и со бодињање се упатија во куќата на невестата, да прашаат дали се подготвени да ги пречекаат. Највечатлив беше обичајот кога невестата низ прстен го гледаше својот избраник и тивко во себе си велеше „низ прстен те гладам, во срце да ти влезам“. Невестата качена на коњот со кој јаваше нејзиниот избраник, пристигна во новиот дом, куќниот праг го мина со десната нога. Свекрвата ја пречека со леб и главата три пати и’ ја удри на огништето, симболика да биде верна на куќата и никогаш да не се оддели.

На платото пред чешмата Упија, играорците на „Фолклорни бисери“ од Скопје, со големо чувство, сериозно ги одигра „Тешкото“, симболот на непокорот и пркосот на македонскиот народ и желбата да се изборат за подобар живот, да се ослободат од вековното ропство. И „Невестинското“ и „Манукот“ исто така, ора тешки за играње и нивната порака е слична како и „Тешкото“.

Гостите речиси од сите краеви на нашава држава, од САД, Австралија и од повеќе западноевропски држави и гости од соседство, задоволни го напуштија Галичник од се’ што видоа, што два дена беа дел на Галичката петровденска свадба. Импресионирани беа што автентично проследија триесетина свадбарски обичаи и ритуали, на песните и ората, на галичките специјалитети.

www.republika.mk

[Best_Wordpress_Gallery id=”30″ gal_title=”Galichka svadba”][:]

Остави Коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Можете да ги користите следниве HTML тагови и атрибути:

<a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

[jw_easy_logo slider_name="Logos Slider"]