“Ел Мундо“- Маврово со ниво на небото
Текстот е превземен од “Утрински весник“- автор Киро Кипровски
(Текст посветен на убавините на Македонија објавен во шпанскиот весник „Ел мундо“)
Во шпанскиот весник „Ел мундо“, неодамна беше објавен напис со наслов „Маврово се бакнува со небото “ , од авторката Јавер Мазора. Текстот е илустриран со две фотографии и тоа фотографија од црквата „Свети Никола“ којашто се наоѓа во водите на Мавровското езеро и фотографија од Бигорскиот манастир.
Во написот, авторката на текстот им ја претставува на читателите нашата држава, историја, географија, културни и духовни вредности, ски-центарот Маврово, како и начините како брзо, едноставно и за прифатлива цена да дојдат во Македонија.
„Во моментот кога нашето срце забрзано почна да чука, пред нас се појави пистата на аеродромот „Александар Велики“. Реално гледано, целиот терен на Република Македонија не е само со планини. Тука е Вардарскиот регион каде што се произведува одличното вино „Тиквеш“. Инаку, Тиквеш е регион кој е само еден дел од 25 000 квадратни километри целосна територија приближно голема колку провинцијата Де Бадајоз. Геолозите забележале не помалку од 26 планински венци и 80 врвови во Македонија. Ова е неверојатен број за толку малечка територија. Има планини кои се повисоки од 2000 метри, а најголемите врвови се сконцентрирани на Западот, во една физичка линија којашто исто така е и духовна линија помеѓу Скопје и Охрид. На оваа линија се наоѓа и Маврово. Маврово опфаќа еден цел регион на западот од земјата, кој е воден и ски-регион. Овде е најважниот парк, Национален парк „Маврово“. Инаку, Република Македонија е мала земја која наполни дваесет години од својата независност (по нејзиното одвојување од Југославија, во чиишто рамки се наоѓаше од 1913 година).“
Во опширниот текст посветен на Македонија, во текст насловен „Меѓу планините“ авторката ќе напише дека има и други манастири во регионот, вклучувајќи и еден женски манастир покрај Дебарското Езеро ама ниеден не може да се спореди со манастирот „Св. Јован Бигорски.“