Посета на НП Маврово од страна на австрискиот европратеник и постојан известувач за Македонија во Европскиот парламент г-дин. Томас Вајц.

Директорот Харис Ибраими го запозна новиот европратеник со основните информации за националниот парк “МАВРОВО” и во кратки црти ги претстави состојбите во однос на биодиверзитетот и заштитата на природните ресурси.
Притоа тој ја потенцираше потребата од внесување на нова енергија и нов пристап во однос на комуникацијата и соработката на институциите со локалното население. Директорот Ибраими истакна дека НП “МАВРОВО”, во периодот кој следува, планира да продолжи, но и да ги засили своите активности во процесот на заштитата на природните ресурси, но подвлече дека согласно она што го гледаме на терен и согласно релевантните податоци кои се однесуваат на се помасовното исселување на локалното население, институциите мора да ги прилагодат своите политики и преку своето делување да создадат баланс со потребите на локалното население.
Европратеникот го искажа задоволството од тоа што го забележал од оваа теренска посета и во еден дел од разговорот го искажа својот заклучок дека регионот и паркот имаат огромни потенцијали, како во однос на развојот на алтернативниот туризам, така и во развојот на агрокултурата, сточарството и сл.
Согласно неговите позитивни ставови во однос на проширувањето на ЕУ со фокус на земјите од Западен Балкан, г-дин. Вајц нагласи дека се залага земјава да добие правичен третман и наскоро да ги започне преговорите со Европската Унија.
Воедно даде ветување дека во својот извештај ќе го подвлече проблемот поради неможноста од значително искористување на ЕУ фондовите кои би се насочиле во однос на развојот на руралните средини, посебно во општините и заштитените подрачја во кои сеуште не се изработени неопходните законски плански документи.
Од страна на директорот Харис Ибраими беше предложено поголем фокус при доделувањето на финансиска поддршка за граѓаните и бизнис секторот да се даде за овие рурални средини, при што со еден таков пристап од страна на нашите пријатели од ЕУ, многу побрзо и поефикасно ќе дојдеме до посакуваните цели т.е брз развој на регионот, подобра заштита и одржливо искористување на природните ресурси и запирање на процесот на исселување на локалното население т.е создавање на подобри услови за негово опстојување на територија на паркот.
На крајот од средбата, на заедничко задоволство, беше договорена повторна посета на паркот која би се реализирала во наредниот период.