Започнува сезоната за берење на боровинки на територија на НП Маврово
Јавната Установа Национален парк Маврово ги известува собирачите на боровинки, дека отпочнува сезоната на берба на истите и им препорачува собирањето да го вршат согласно правилата утврдени со закон и прописите препорачани од страна на управата на паркот.
Покрај останатото, секој регистриран и сертифициран собирач на шумски плодови е должен да ја обнови својата легитимација со маркичка за 2019 година, да се грижи за природата и да собира само плодови кои се во оптимална зрелост, истите да не ги оштетува со механички средства или целосно да ги уништува, да внимава на чистотата на околината и да не остава отпадоци на местата каде што престојува.
Поради топлото време и можноста од ширење на пожари, ги молиме собирачите на шумски плодови да не палат огнови и да ги следат препораките за движење низ планинските предели и шуми.
Воедно апелираме до сите оние кои на терен ќе забележат присуство на нелегални – диви собирачи на шумски плодови, истите да ги пријават во управата на паркот на 042 489 019 или туристичкиот информативен центар на 042 489 425. Исто така ваквите активности може да ги пријавите и во најблиските полициски станици на територија на паркот и општина Маврово и Ростуше.
За лицата затекнати на терен без дозвола за собирање и кои нема да се придржуваат на погоре наведените правила и законските обврски, предвидени се соодветни казни и одземање на шумските плодови собрани на нелегален начин.
Управата на ЈУНП Маврово на сите собирачи им посакува успешна сезона.