Пештера Шаркова Дупка

 

MAJ_3586“Шаркова дупка” се наоѓа во Општина Маврово-Ростуше, во националниот парк Маврово, блиску до зимскиот туристички центар, поточно во селото Маврово. Пештерскиот бисер е лоциран во непосредна близина на последните куќи од селото. До влезот има 10-ина минути пешачење по изградена патека и скалила. Пештерата Шаркова Дупка, која е отворена за туристите, е заштитена со железна врата и со решетки, украсена со полукружни метални скали и целосно осветлена со рефлектори. Пештерата се наоѓа на длабочина од 20тина метри од влезот во истата, широка е околу 18 метри а долга 25м. Во долниот дел од истата се наоѓа отвор кој води во уште две пештерски сали кои сеуште се недостапни за туристи. Пештерата е откриена пред повеќе од три децении од страна на локалното население кое што тогаш се плашело да влезе во неа. Според една од приказните поврзани со пронаоѓањето на пештерата, селанецот со прекар Шарко, кој живеел во непосредна близина на пештерата, прв собрал храброст. Тој исекол неколку дрва, ги спуштил во дупката и, со јажиња и со помош од соседите, успеал да влезе во внатрешноста на пештерата. Оттаму пештерската убавица си го добила името Шаркова Дупка. Покрај оваа има уште неколку интересни приказни за пештерата. Пред влезната врата е поставена табла со мапа, која ги објаснува пештерските украси и богатиот животински свет со кој изобилува Шаркова Дупка. Посетителите се спуштаат во внатрешноста на пештерата со железни полукружни скали, кои водат во првата јама или дворана, на околу 20 метри под земјата. Таму температурата е под 12 Целзиусови степени. Подземната убавица ја красат сталактити, сталагмити прекриени со корали, сливови драперии и друг пештерски накит, кој дава слика на негибната убавина. Бидејќи почвата е богата со железо, повеќето од украсите се со карактеристична црвеникаво-кафена боја. Во Шаркова Дупка има разновиден животински свет: лилјаци, пајаци, гуштери, разни видови инсекти. Пештерата е отворена за посета на организирани групи и е идеална локација за организирање на едукативни – образовни ексурзии.

Посетата во зависност од големината на групата може трае до 30 минути.

 

Сафари Парк Бунец

Репродуктивен центар за Европски елен

DSC02607Овој центар зафаќа територија од 430 ха која е обиколена со заштитна ограда. Во него посетителите ќе можат да видат Европски елени како и елен лопатар а прошетката низ истиот е доста пријатна. Локалитетот изобилува со прекрасни места за одмор, многу видиковци, чешма со ладна изворска вода а од неодамна е поставена кула за набљудување- идеално место за набљудување на животните од кое ќе може да се направат прекрасни фотографии. Низ сафари паркот ќе ве водат стручни лица (Ренџери) вработени во националниот парк.  Обиколката во сафари паркот трае од 1 до 2 часа. Во склоп на овој локалитет функционира и детската едукативна патека наменета за деца од 6 до 12 години.

Ледничко езеро Локув

LokuvЛедничкото езеро Локув е најниското глацијално езеро во Р.Македонија и според неговата местоположба претставува една вистинска туристичка атракција. Сместено во прегратките на Дешат планина на висина од околу 1568 м.н.в. е гордост на локалното население кое во негова близина има поставено неколку клупи за одмор, бачило, чешма со природна ладна вода за пиење и сл. До локалитетот се стигнува со пешачење во должина од 8 километри низ планина со обележани планинарски патеки. Има услови за тргнување од две локации и тоа од с. Битуше кај поранешната караула и с. Требиште. Постои можност да се изнајмат и коњи, а патеката е средно тешка и скоро преку целиот нејзин тек е прекриена со убава шума и ладовини. Патеката изобилува и со видиковци од кои убаво се гледа кањонот на реката Радика,манастирот св Јован Бигорски и други пејсажи. На самиот локалитет може да се ужива во прекрасниот изглед на ова малку познато и уште неоткриено(од страна на туристи) езеро во кое опстануваат неколку интересни форми на живот од кои најпознат е “Тритонот„, водоземец кој наликува на риба и жаба. Во близина на езерото е лоцирано и едно бачило во кое може да се проба тазе сирење попознато како Требишко сирење, и други млечни производи од ова поднебје.  Интересно е што водата во езерото за време на летниот период е доста топла а оние туристи кои го посетуваат местото имаат можност да уживаат во водите на една ретка планинска плажа. Околу езерото има идеални места за излет, кампување и одмор во планина. Во близина на езерото на околу 30 до 40 минути пешачење можат да се посетат и неколкуте “планински очи„ (езерца со чиста бистра вода распослани на падините на планината). Исто така на овие места можат да се соберат голем број на чаеви и други растенија кои можат да се употребат за подготвување на природни лекови а како најпознато растение кое има совршен природен вкус и го има во големи количини е и боровинка ( ја има во повисоките делови од планината). Доколку тргнете од патеката од с. Битуше, може да ја посетите и првата партизанска печатница во центарот на селото. При последните биолошки истражувања на водата и околината на езерото, од страна на италијанските експерти се пронајдени повеќе специфични водови на растенија и инсекти што го прават овој локалитет посебно значаен.

Излетнички локалитет “Горна Ледина„

 

SAMSUNG DIGITAL CAMERA

Се тргнува од месноста “Стапаров мост„ кај с. Велебрдо или преку патека која започнува некаде пред с. Битуше. Се пешачи по делумно обележана патека која е добро проодна и истата поминува низ борова шума која патувањето го прави посебно пријатно. Доколку пак одлучите да го скратите патот и да тргнете од новата патека пред с. Битуше, тогаш до ова место – до некаде може да стигнете и со џип а потоа пешки, за околу 20тина минути лесно одење. Се стигнува до местото каде што е изградена интересна планинарска куќичка која е поставена на 4 дрвја и е опремена со кревети за одмор како и со импровизирана тераса од каде што има убав поглед на целиот кањон на реката Радика .  Местото нуди добри услови за одмор во планина и истото располага со клупи за седење и чешма со природна, ладна и чиста вода за пиење. Покрај другото учесниците на оваа планинарска активност можат да го разгледаат подножјето на планината Дешат како и да соберат некои видови на растенија и тревки со кои ова место изобилува. После одморот кај куќичката се тргнува по друга патека од самото место и се оди надолу по сртот на планината од каде што за 30 до 40 минути се стигнува над самите водопади а после тоа се слегува и во Дувскиот кањон. Исто така може да тргнете нагоре кон планинските патеки кои водат до Крчин.

Манастир Св. Јован Бигорски

st. Jovan the BaptistМанастирот е еден од најмаркантните и најзначајните манастирски комплекси во  Р. Македонија. При секоја посета на Националниот парк Маврово неизбежно е да се помине до ова импозантно здание изградено пред 1000 години. Самиот манастир е составен од неколку објекти во кои последниве 20тина години активно делуваат и живеат монаси кои самостојно го одржуваат манастирскиот комплекс и сами се грижат за верниците и туристите кои доаѓаат во посета на истиот.  Посебно интересен за туристите е стариот дрвен иконостас кој е сместен во црквата. Верниците и туристите, може да одморат во одаите за гости, да поразговараат со монасите и да си купат религиозни сувенири изработени од самите монаси.

Мост Еленски Скок

Most "Elenski skok"Мостот се наоѓа на самиот пат кон малореканските села Лазарополе, Гари  и Тресонче. Изграден е за време на владеењето на османлиите а според некои историчари истиот е лоциран на еден од краците на патот Виа Игнација.  За причината поради која турците го изградиле мостот постојат многу приказни, од кои најпознатата вели дека тој е изграден во име на храброста на еден елен. Еленот кој при лов бил тешко ранет од страна на еден турски ага, и покрај смртните повреди успеал да ја прескокне Мала река и да пребега од спротивната страна. Согледувајќи ја храброста на ова животно како и неговата желба и борба  за живот, агата наредил на истото место да се изгради мост во форма на Еленски скок. Мостот поврзувал неколку села од Мала река со Реканскиот и Дебарскиот регион а денес е споменик на едно време и е сведок на богатата историја на овој регион. Покрај мостот се поставени неколку клупи за одмор а за љубителите на планинарењето е маркирана планинарска патека до с. Сушица. Оваа патека од Сушица продолжува кон Галичник, Тресонче или Лазарополе а истата може да се помине и со велосипеди. При обиколката можат да  посетите уште неколку музеи и културно историски објекти.

Времетраење: 4 до 6 часови

Водопад Дуф- .с. Ростуше

Vodopad "Duf" - RostusheДуфските водопади се наоѓаат во близина на с. Ростуше, а до нив од самиот центар на селото се стигнува за 30тина минути.  Патеката до водопадите е обележана, уредена, обезбедена со дрвена ограда и истата во неколку наврати е значително стрмна но во поголемиот дел е лесно проодна. До самите водопади се поминува низ Дуфскиот кањон кој е висок и до 60 метри и кој претставува вистинска атракција. Местото е специфично и по пријатната клима а температурата во најжешките летни периоди изнесува од 18 до 20 степени. Низ кањонот тече Ростушка река која е најголема во пролетниот период. Главна атракција и вистински празник за очите е водопадот Дуф според кој самото место го добило името, а се наоѓа на самиот крај на кањонот. Неговата висина изнесува околу 25 м. а во негова близина се поставени неколку клупи за одмор каде што посетителите можат да минат неколку убави моменти во природа како и “училница„ за настава во природа . Интересно е што сега на самиот водопад е поставена и опрема ( метални алки на кои може да се постави јаже) за спуштање со јаже.  Покрај самата патека можат да се забележат и остатоци од првата хидроцентрала во регионот преку која истиот се снабдувал со електрична енергија. Во поранешниот период голем дел од земјиштето и водата во овој дел се користеле за обработка и наводнување. Најдобар период за посета на локалитетот е од месец мај до месец јули кога низ Ростушка река и водопадот тече најмногу вода. Во околината на с. Ростуше може да ги посетите и неколкуте локални ресторани во кои може да вкусите храна подготвена според традиционални рецепти по претходна нарачка. Постои можност ваква храна да ви биде подготвена и од локалните домаќинки.

Мавровско Езеро

s1Ова езеро претставува вистински бисер во националниот парк и општината. Иако е вештачко, сепак плени со својата убавина посебно кога се гледа од скијачките терени на планината Бистра. Покрај риболовот на езерото се нудат можности за кампување, прошетки и сл. Околу самото езеро поминува добро одржан асфалтен пат кој може да се искористи за обиколка на целиот Мавровски дел од националниот парк, да се погледнат убавите скијачки терени, хотелите, вилите и да се посетат многуте туристички објекти. Една од најимпресивните глетки кои ги нуди езерото е потопената стара црква во Маврово од која во одреден период од годината кога водата на езерото го постигнува највисокото ниво, може да се види само дел од покривот и половина од камбанеријата. Оваа црква била потопена при изградбата на езерото.

Најпознати локации за одмор околу езерото се месноста Бојков Кладенец, Црн Камен како и стариот камп сместен на 2-3 километри од браната во Маврови Анови.

 

Црква Св. Никола

 

st. Nikola - MavrovoОваа црква е изградена во 1857 година во тогашното Мавровско поле. Црквата е потопена во 1957 со изградбата на хидросистемите Маврово. Иако поголем дел во годината таа е под вода, во ретките прилики кога водата од езерото се повлекува сеуште може да се види нејзината цврста градба. Црквата претставува своевиден заштитен знак на селото и поширокиот регион.

Во самата внатрешност и во дворот, може да се видат стари црковни елементи како и стари гробови.

 

Излетничко место Бојков Кладенец

Се наоѓа во непосредна близина на скијачкиот центар и нуди одлични можности за организирање на пикник. Местото е уредено со клупи за одмор, место за скара, чешма, како и покриен дел со маса на која можат да се сместат поголем број на гости.

Околината на  с. Лазарополе

Лазорополе е едно од највисоките населени места во Република Македонија, сместено на надморска височина од 1350 метри и како што ќе се уверите за време на вашата посета, тоа е една од најатрактивните туристички локации на Балканот. Овде можете да уживате во прекрасната природа и фантастичниот призор што се отвора насекаде околу вас и на најдиректен начин да се запоснаете со непроценливото културно историско богатство кое што претставува важен дел од македонското и севкупното цивилизациско наследство.
Лазарополе се наоѓа во Реканскиот регион, област која се протега помеѓу населените места Маврово, Дебар и Кичево, а на запад се граничи со Република Албанија. Заедно со соседните села: Гари, Тресонче, Селце, Росоки, Осој и Могорче го сочинуваат таканаречениот Малорекански подрегион кој ги опфаќа областите по теченијата на реките Мала Река, Тресонечка и Гарска Река како и дел од планината Стогово.

LazaropoleСпоред преданијата селото е формирано од доселеници кои потекнувале од Главино Село, најголемото мијачко село во минатото. Лазорополе настанало подоцна од другите мијачки села но постојано привлекувало нови мијачки доселеници што придонело за зајакнување на неговиот мијачки идентитет. Негувањето на мијачкиот идентитет и денес е присутно кај Лазоровци, не само како облик на традиција, туку како еден од најважните елементи на културното и историското богатство на Мијаците и Реканскиот регион, но воедно важен дел и од општомакедонскиот идентитет.

Во минатото главна стопанска гранка била сточарството, кое со оглед на традициите и природното опкружување, имало исконска вредност. Меѓутоа после втората светска војна сточарството е во континуирано опаѓање, што е последица на миграциските трендови. Во текот на седумдесетите години од минатиот век се отселува и последното семејство, со што лазарополе преминува од селска во туристичка населба.

 

 

Сместување и исхрана

Сместување и исхрана во Лазорополе можете да најдете во Калин хотел, во центарот на селото лево од вашата моментална местоположба, како и во приватно сместување.

Дополнителни информации за сместувањето и исхраната можете да добиете:
– Калин Хотел – Тел: (046) 846 222, e – mail:
 \n info@kalinhotel.com.mk Оваа адреса на е-пошта е зашититена од спем-ботови, потребно е да го вклучите javascript-от за да ја погледнете 
– Приватно сместување – Арсо Глигуровски Тел: 070 / 451 007.

Прехрамбени артикли можат да се купат и во продавницата – колонијалот во центарот на селото.

Можни излети и тури
Околината на Лазорополе нуди голем број можности за излети и тури. Карактерот на турите, нивната должина и тежина можете да ја прилагодите според вашите афинитети и можности.
Во продолжение следуваат неколку предлози со краток опис. Турите се категоризирани во три категории: спортско рекреативни тури, посета на места со убава глетка и посета на културно историски локации.

Спортско рекреативни тури

Спортско рекреативните тури се опишани на инфо табли каде што се содржани сите техничко информативни податоци за турите.

 

Посета на места со убава глетка

И покрај тоа што престојот во било кој дел од селото нуди уживање во прекрасни глетки и пејсажи кои се

присутни буквално насекаде околу вас, сепак препорачуваме посета на некои од локациите во околината на Лазорополе од каде што ќе можете да уживате во неповторливи пејасажни престави.
– Искачување на ридот Краста над селото

– Посета на месноста Крс

– Пешачење кон врвот Соколица и големиот крст

– Искачување на врвот Цуцул висок 1423 метри

– Искачување на ридот Чуловец висок 1728 метри

 

Културно историски локации

И покрај непобитниот факт дека секоја стапка од Мијачијата сама по себе е културно историски споменик каде што лежат безброј напишани и ненапишани преданија за настани, личности и времиња низ коишто е проткаена приказната за миајчкиот идентитет, сепак има места кои со своето значење се издвојуваат од останатите и треба да се посетат. Ви препорачуваме да ги посетите следниве локации:

– Главино Село и Калина Дупка

– Црквичката Свети Ѓоргија и изворот Ѓурепи

– Параклис посветен на Свети Архангел Михаил

– Црквичката посветена на Свети Атанасиј

– Малата црква посветена на Света Параскева – Петка

– Црквичката Свети Спас и големиот крст на Соколица- Спомен паркот посветен на великаните од регионот

Logos Slider