[:mk]Климата на територијата на НП Маврово се разликува според високопланинскиот и долинскиот рељеф. Висинските разлики придонесуваат за разноликоста на климата во одредени региони на паркот. Фактот дека оваа територија припаѓа на шарскиот планински систем во кој речните долини се благи, овозможува климата на овие простори да отстапува од средноевропскиот климатски тип, поради што има помалку врнежи во текот на годината. Ваквото влијание е условено од блискоста со Јадранското море (на оддалеченост од само 95км воздушно) со што се овозможува преку клусурата на реката Радика релативно топлите климатски услови да продрат до овие простори.

Благата клима е основната причина поради која флората и фауната се претставени со огромен број на растенија и животни кои се специфични исклучително за ваков тип на региони или ретко се наоѓаат во останатите делови од светот.

Во деловите од паркот каде што надморската висина е поголема од 2000 м. се забележува влијание на алпската клима а со тоа и бројот на врнежливи денови во текот на годината тука е поголем. Рељефната структура на  мавровскиот дел како и висинската поставеност во однос на реканскиот дел од паркот, придонесува климата да биде постудена со позначителни врнежи на дожд и снег.

Ваквата поставеност на територијата на паркот условува да се разликуваат три дела од истиот во кои постојат различни климатски услови. Различната конфигурација на теренот сама по себе влијае на нерамномерното количество на врнежи во текот на годината.

Најмалку врнежливи денови се забележуваат во период на месец август а најчести се во текот на есенските и пролетните месеци пред се во ноември, април и мај.

Во зимскиот дел има значително голем број на снежни врнежи . Снегот обично започнува да паѓа доцна на есен а се задржува во текот на целата зима. Облачноста претставува значаен климатски фактор кој влијае на врнежите и температурните разлики. Во подрачјето околу горниот тек на реката Радика и мавровоскиот регион средната годишна облачност изнесува 5,3 десетини, својот максимум го достигнува во месец фебруари со 7,1 десетина, а минимумот во јули со 2,5 десетини. Облачноста е најголема во зимскиот, есенскиот и пролетниот период кога се јавува и најголема релативна влажност на воздухот.

Што се однесува до промената на средна месечна температура, во јануари на Кораб средниот јануарски температурен градиент има вредност од 0,6 до 0,3 степени целзиусови а просечната јануарска температура на надморска висина од 600 до 2000 м. изнесува од -0,9 до – 3,8 степени.

До надморска височина од 900м средниот јуски температурен градиент изнесува 0,9 степени целзиусови/100м, а од оваа височина нагоре има вредност од 0,6 степени целзиусови/100м. Во реонот на Кораб средниот годишен градиент на врнежи се движи од 60 до 40 мм/100м. На повисоките места се зголемуваат и врнежите од снег. На надморска висина до 600 м нивното учество изнесува 11% додека на височини над 1000м изнесува над 30%. Просечната снежна покривка на повисоките планини се задржува од ноември до мај. Средна месечна температура во мавровскиот дел во јануари изнесува 4,5 степени а највисоки месечни температури се забележуваат во јули со средна вредност од 17,4 степени додека пак средната годишна температура е 7,2 степени.[:]

[jw_easy_logo slider_name="Logos Slider"]