Порибување на Мавровското Езеро со 2000 килограми крап
Јавната установа Национален парк Маврово, во соработка со Македонската риболовна федерација, денес изврши порибување на Мавровското Езеро со 2000 килограми крап.
Ова претставува прва фаза од планираните активности за порибување, а во текот на наредниот период ќе се спроведат повеќе вакви активности со цел збогатување и унапредување на рибниот фонд во водите на територија на Националниот парк Маврово.
Порибувањето се реализира во пресрет на Светското првенство во спортски риболов на крап, кое оваа година ќе се одржи на Мавровското Езеро, при што Националниот парк Маврово активно работи на афирмација и промоција на спортскиот риболов, развој на риболовниот туризам и создавање услови за организирање на значајни меѓународни спортски настани.
Воедно, ЈУНП Маврово ги информира сите спортски риболовци дека од денес стапува во сила забрана за лов на крап, која ќе важи во наредниот период, односно до завршувањето на Светското првенство.
Апелираме до сите љубители на спортскиот риболов да ги почитуваат правилата и прописите за риболов и со своето одговорно однесување да дадат свој придонес кон зачувување и збогатување на рибниот фонд во водите на Националниот парк Маврово.
Организацијата на едно вакво светско првенство претставува настан од исклучително значење за Република Македонија и Националниот парк Маврово, а успешната реализација зависи од заедничката одговорност, поддршка и соработка на сите љубители на природата и спортскиот риболов.








