Галичката свадба

Се одржува секоја година на Петровден – 12 јули и е културна манифестација  богата со многу оригинални, единствени и неповторливи свадбарски обичаи и ритуали. Во деновите на свадбата, пиштат зурлите и ечат тапаните „од Галичник до Река“, со сиот подземен и надземен екот кон каменот на Бистра и небесниот свод. Тие придружници на печалбарите на овој крај на Македонија, секогаш ја најавуваат Галичката свадба која е со најмногу сватови. Галичката Свадба во своето опстојување придонела да се негуваат единствените свадбарски обичаи и ритуали, на жителите од овој крај, да се сочувааат изворните песни, ора, и надалеку познатата галичка носија-изработена со филигранска прецизност и точност на терзиите. Секоја година посебна комисија избира двајца млади кои ќе се венчаат на Галичката свадба. Еден од предусловите е барем еден од младите да потекнува од Галично семејство.

Секоја година за време на Галичката свадба, се почитуваат голем број на обичаи кои ја карактеризираат оваа свадба: чекањето на тапаните, свекрвино оро, носењето на невестата на вода, поставувањето на свадбарскиот бајрак, канењето на мртвите, бричењето на зетот, земањето на невестата, замесувањето на лебот, венчавањето во црквата „Св. Петар и Павле”, и други обичаи, кои полека изумираат но кои во себе содржат и кријат многу детали од животот на Галичанецот во минатото. Во Галичник сега живеат само два житела , но на 12 јули има над 5000 жители кои доаѓаат да ја гледаат оваа Галичка свадба.

Повеќе за оваа манифестација прочитајте на:

Галичник

Галичка ликовна колонија

Ликовната колонија во Галичник се организира секоја година во месец август. Првата колонија од овој вид била организирана во 1990 година, благодарение на залагањата на сликарот Нове Франговски. Колонијата традиционално се одржува во Хотелот Неда, а е финансиски поддржувана од Министерството за култура на Република Македонија.

На изминатите колонии твореле уметници од Македонија, Србија, Бугарија, Грција, Албанија, Романија, Британија, Јапонија, Италија, Унгарија, Германија и др. Уметничките дела, слики и скулптури се прикажуваат на секои две години на соодветни изложби.

Овчарски средби- “Ден на одгледувачите на овци и кози“

Секоја година на ден два пред Петровден или Галичката свадба, на месноста викана „Смрдливи води“  се одржува манифестацијата „Ден на одгледувачите на овци и кози“. Како дел од оваа манифестација се организираат натпреварите во стрижење и молзење, дегустација на сирење и нивно оценување, борби на пеливани, промоција на кучиња Шарпланинци и сл. Манифестацијата е проследена со богата културно уметничка програма.

Реканско културно лето

Манифестацијата се одржува со цел да ги претстави и промовира културните вредности, етнологијата, традиционалните занаети и традиционалната кујна на  локалното население, како и да го подобри квалитетот на културниот живот. Главен настан по кој Реканското културно лето станува препознатливо е денот на традиционална реканска пита – питијада, на кој жените од сите населени места ги покажуваат своите готвачки вештини подготвувајќи најразлични рекански специјалитети.

Покрај ова манифестацијата во својата програма содржи организирање на изложби на слики, фотографии и етнолошки експонати, кино проекции- селски кина, театарски претстави, музички настани,спортски натпревари и сл.

Logos Slider