На територијата на Националниот Парк Маврово доминираат три групи на клучни екосистеми:
• Шумски екосистеми
• Планински екосистеми
• Акватични екосистеми

Шумски екосистеми
Шумските екосистеми покриваат голем дел од територијата на Националниот Парк Маврово на
надморски височини од 600 до 2,100 метри. Од вкупната површина на Паркот која опфаќа 72,416.80 ha,
45.82% или 33,179.15 ha е покриена со шуми. Анализата на структурата и застапеноста на различните
типови на шуми, укажува дека широколисните шуми доминираат во Паркот, со 70.72% во однос на
целокупната површина под шуми. Следуваат, мешаните шуми со 18.90%, шикарите со 9.37%,
иглолисните шуми со 0.96% и култури од шуми со 0.05%

Од аспект на вертикална дистрибуција, шумските екосистеми се распоредени во неколку висински
појаси опфатени во следниве региони:

Дабов регион.

Дабовиот регион се простира во пониските предели до околу 1,200 m надморска
височина. Просечната годишна температура во овој регион се движи од 9‐14.2°C, додека просечната
количина на врнежи изнесува од 500 ‐ 900 mm. Во најјужните делови по течението на река Радика се
развива заедницата на даб благун (Quercus pubescens) и бел габер (Carpinus orientalis) (Ass. Querco‐
Carpinetum orientalis macedonicum). На стрмно инклинирани падини, во подрачја кадешто доаѓа до
судир на умерено студеното климатско подрачје со субмедитеранската клима се развива шумска
заедница на даб благун (Quercus pubescens) и црн габер (Ostrya carpinifolia) (Ass. Querco‐Ostryetum
carpinifoliae), која претставува една од почесто застапените заедници во Паркот. Шумската заедница на
даб горун (Quercus petraea) и црн јасен (Fraxinus ornus) (Ass. Orno‐Quercetum petraeae) се протега на
поголеми континуирани локалитети на потегот Селце‐ Галичник‐Лазарополе, покрај Гарска Река, Мала
Река, на Дешат и на Кораб во околината на селата Тануше и Ничпур. Таа е локално еколошки
педолошко‐петрографски условена, т. е. како резултат на промена на матичниот супстрат од
карбонатен во силикатен ‐ филитоиди и почвен тип еутричен камбисол. Шумската заедница на дабот
цер (Quercus cerris) и црн јасен (Fraxinus ornus) (Ass. Orno‐Quercetum cerris macedonicum) се сретнува на
највисоките делови од дабовиот шумски појас, при што гради шумски комплекси како резултат на
локално еколошки условена појава. Застапена е до вливот на Росочка Река во Мала Река, Селечка Река
и дел од Тресонечка Река, помеѓу селата Селце, Тресонче и Росоки до Осој.
Што се однесува до фауната, типични жители во овој појас се видови од комплексот на
медитеранските фаунистички елементи, во кој доминираат видови со понто‐касписко зоогеографско
потекло, како и еремијални степски видови, со зоогеографско потекло од арало‐касписките степи (види
поглавје Биогеографски карактеристики).

Буков регион.

Буковиот регион ги покрива горските предели помеѓу 1,200 ‐1,700 m надморска
височина. Овој регион зафаќа најголема површина од вкупната територија под шуми, и во него е
вклучена најголемата дрвна маса во Паркот. Просечните годишни температури во буковиот регион се
движат помеѓу 6.4 ‐ 8°C, додека просечната количина на врнежи се движи помеѓу 900‐1,100 mm.
Доминантни типови на почви во подгорскиот појас се светло кафеавите шумски почви, а во горскиот
појас се кафеави подзолести почви.

Подгорскиот буков регион се простира помеѓу 1,200‐1,400 m, главно во појасот на климазоналната
заедница Festuco heterophyllae‐Fagetum (шумска заедница на Подгорска букова шума). Во овој регион
апсолутна доминантна улога има Fagus sylvatica ssp. moesiaca (мезиската бука), со јасно изразена
катова структура, а во катот на дрвјата се среќаваат и: Prunus avium, Quercus petraea, Q. cerris, Sorbus
torminalis, Betula pendula, Populus tremula, Ostrya carpinifolia, Acer obtusatum, A. pseudoplatanus, A.
platanoides, Abies borisii‐regis и други.
Горскиот (монтанскиот) појас се простира помеѓу 1,400 и 1,700 m, појас на климатогената асоцијација
assn. Calaminthograndiflorae‐Fagetum (шумска заедница на горска букова шума) и е оформен од
различни типови букови, буково‐елови шуми. Асоцијацијата има јасно изразена катова структура. Во
катот на дрвјата, апсолутна доминација има буката (Fagus sylvatica ssp. moesiaca), едновремено и
едификатор на заедницата. Покрај неа, со поединечни примероци се сретнуваат следните видови: Acer
pseudoplatanus, A. obtusatum, A. platanoides, Abies borisii‐regis, Betula pendula, Salix caprea и други.

Предпланински регион.

Предпланинскиот е највисокиот шумски појас, кој се простира помеѓу 1,700
m и приближно 2,100 m надморска височина. Годишната просечна температура изнесува 3.5°C а
просечната количина на врнежи е околу 1,000 mm. Доминантен почвен тип е кафеавата подзолеста
почва, а другите почвени типови се многу ретки. Во овој регион се присутни шумската заедница на
субалпска букова шума (Fagetum subalpinum scardo‐pindicum) шуми на смрча (Picea abies) и вриштини
со боровинки (Vaccinium spp.) и планинска смрека (Juniperus nana).
Од фаунистичка гледна точка во овој регион доминираат Бореалните (сибирски) фаунистички
елементи, додека во помала мера се застапени и медитерански, компетитивно супериорни видови со
широка еколошка валенца и простран ареал на дистрибуција (види поглавје Биогеографски
карактеристики).

Logos Slider