ПОЧВИ

Во високопланинското климатско подрачје, врз кисел матичен супстрат, под влијание на мезофилно‐ацидофилната тревеста вегетација се образувале хумусно силикатните почви ‐ ранкери. Во топлото континентално климатско подрачје, под плоскач‐церовите шуми се образувале циметните шумски почви и еутричните кафеави шумски почви. Во ладното континентално климатско подрачје, под буковите шуми се образувале дистричните кафени шумски почви, под буково‐еловите шуми се јавуваат лесивирани дистрични камбисоли, додека под буково‐еловите шуми, врз карбонатен матичен суспстрат се развиени кафеави почви врз варовници и органоминерали и браунизирани варовично‐ доломитни црници.

ЕРОЗИЈА

Во западниот дел од државата теренот е стрм, груб, дисециран со развиена хидрографска мрежа при што процесите на линиска ерозија се доминантни. На територијата на Националниот Парк Маврово, најерозивно е непосредното сливно подрачје од Рибничка до Валавичарска Река. Од сливовите на реките најерозивни се: Голема Река и Валвичарска (Жировничка, Таировска) Река. Процеси од висока категорија на разорност (I и II категорија), т.е коефициент на ерозија Z > 0.85 се забележуваат само во долнореканскиот крај. Процеси од втора (II) категорија на разорност има и  во сливот на Рибничка (Длабока) Река. На ниво на целото подрачје, просечната вредност на коефициентот на ерозијата изнесува Z = 0.31, што го вклучува подрачјето во IV категорија, односно подрачје со слаба ерозија, според јачината на ерозивните процеси. Притоа, најниски вредности има во делот спротиводно од Мавровско Езеро (Z = 0.14 до 0.22), додека пак најголема вредност има во непосредното сливно подрачје на Рибничка Река ‐ Валавичарска Река, каде изнесува Z=0.87.

БИОГЕОГРАФИЈА

Од биогеографски аспект, во високопланинскиот појас на Националниот Парк Маврово присутен е комплексот на флористички и фаунистички елементи со Орео‐тундрално (аркто‐ планинско) биогеографско потекло. Тоа се видови на растенија и животни кои се среќаваат во арктичкиот појас и високопланинскиот појас на повисоките планини во Централна и Јужна Европа. Под‐ Комплексот на палео‐ореални (палео‐планински) или реликтно‐планински флористички и фаунистички елементи, во кои се вклучени и глацијалните ендемични форми е исто така богато застапен во високопланинскиот појас на Националниот Парк Маврово. Независно од фактот што на територијата на Националниот Парк Маврово, четинарските шуми од типот на Тајга (смрчови и елови шуми) придружени со брези и јасен покриваат релативно мали подрачја, сепак Бореалниот (сибирски) комплекс на флористички и фаунистички елементи е најбогато застапен во однос на останатите планински подрачја во Република Македонија. Флористичките и фаунистичките елементи со биогеографско потекло од Понто‐медитеранскиот под‐ комплекс на Широколисниот арбореал со своите видови доминираат во флората и фауната на Република Македонија, како и на територијата на Националниот Парк Маврово. Тие се присутни од најниските делови на Паркот преку посензитивните видови, па се до 1,700 метри надморска височина, до каде допира само мал  број на видови со поширока еколошка валенца и ареал на распространување. Комплексот на Еремијални флористички и фаунистички елементи, главно се состои од под‐комплексот на степски елементи, односно на видови чие потекло води од Понто‐касписките степи. Дистрибуцијата на степските флористички и фаунистички елементи е поврзана со тревестите екосистеми и ограничена

главно во пониските делови од Паркот, меѓутоа одредени елементи се присутни и во високопланинскиот појас, на посувите тревести екосистеми. Од аспект на акватична зоогеографија, сливното подрачје на реката Радика е вклучено во Јужно‐ јадранско‐Јонскиот Зоогеографски Регион, кој ги опфаќа сливните подрачја на реките кои гравитираат кон Западниот дел од Балканскиот Полуостров, од Црна Гора на Север до Пелопонез на Југ. Потеклото на фауната во Темпорални води е идентично со терестричната фауна. Во акватичните биотопи на помали надморски височини доминираат комплексите на медитерански и степски фаунистички елементи, додека фауната во бројните темпорални/семитемпорални локви, тресетишта и ледничките езера лоцирани на повисоки надморски височини е од различно зоогеографско потекло.

АЛГИ

Алгите на територијата на Паркот се застапени со вкупно 79 видови и подвидови. Видовите припаѓаат кон 9 различни типови на алги; од нив најбогато застапени се дијатомеите (Bacillariophyta) со 37 таксони, зелените алги (Chlorophyta) со 20 таксони и сино‐зелените алги (Cyanophyta) со 13 таксони. Најголемиот број на утврдени алгални форми за прв пат се наведуваат за подрачјето на НП “Маврово”. Некои од нив како зелено‐жолтата алга Tribonema intermixtum и видот од групата на харите Nitella capillaris за прв пат се наведуваат за Македонија, и двете пронајдени во малиот воден биотоп во месноста Тони Вода. Фитопланктонот во Мавровското Езеро покажува силно загрижувачка појава на доминација на само 4 видови на алги, сите индикатори за повисоки степени на еутрофикација.

ГАБИ

Со истражувањата во рамките на проектот “Заштита на животната средина, економски развој и промоција на одржлив еко‐туризам во Националниот Парк Маврово“, вкупниот број на видови габи на територијата на НП Маврово беше заокружен на 661 вид, од кои 588 видови припаѓаат на типот Basidiomycota, 61 вид на типот Ascomycota, 11 видови на типот Myxomycota и еден вид на типот Zygomycota. Од вкупниот број на видови габи регистрирани на територијата на Националниот Парк Маврово (661), најголем број на видови (267), се најдени во букови шуми, 103 видови се собрани во елови шуми, 128 во дабови шуми, 63 во шуми од смрча, 47 во различни шумски заедници кои се развиваат по должината на реките и потоците (азонален тип) и 51 видови во борови насади. Надвор од шумските заедници, 38 видови се познати од планинските пасишта и 46 видови се собрани во ливадите и по рабовите на шумите. Околу дваесет висококвалитетни видови на габи за јадење растат на подрачјето на НП Маврово, и претставуваат важен дел од биолошките ресурси на Земјата.

ЛИШАИ

За подрачјето на Националниот Парк Маврово, утврдено е присуство на вкупно 151 видови на лишаи. Од таксономски аспект, сите регистрирани видови припаѓаат на класите Lecanoromycetes (145 видови) и Eurotiomycetes (6 видови) од типот Ascomycota. Лигниколните лишаи (67 видови) се регистрирани на гранки и стебла, претежно во буковите и дабовите шумски заедници, кои се и најдобро истражувани. Петриколните лишаи се развиваат на варовнички и силикатни карпи. На овие супстрати беа регистрирани вкупно 49 видови. Дел од видовите се специја лизирани на варовнички карпи (25), додека 10 видови се јавуваат исклучиво на силикатни карпи. Териколните лишаи (35 видови) се развиваат на земја, песок, растителни остатоци и друго. Три вида комерцијални лишаи растат во подрачјето на НП Маврово и претставуваат важен дел од биолошките ресурси на земјата. Тоа се Дабовиот лишај (Evernia prunastri), Стеблениот лишај (Pseudevernia furfuracea) и Исландскиот лишај (Cetraria islandica). Сите три вида ги има во големи количини особено во дабовите и буковите шуми.

РИБИ

Ако се земе предвид фактот дека водите во Националниот Парк Маврово се претставени преку горниот и средниот тек на реката Радика со притоките, односно, планински реки и потоци со брз тек, ниска температура на водата со висока концентрација на кислород кои се природно живеалиште за пастрмковидните типови на риби, тогаш присуството на четири (4) видови на пастрмки е релативно голем број, во однос на вкупниот број на пастрмки на Национално ниво, предтставени со 11 видови. Сите три автохтони видови на пастрми: Радичката пастрмка (Salmo farioides), Гарската пастрмка (Salmo montenegrinus) и Главатицата (Salmo dentex) се вклучени во категоријата на Западно‐балкански ендемити, односно, нивниот ареал на распространување е ограничен на Источно‐јадранскиот слив.

ВОДОЗЕМЦИ И ВЛЕЧУГИ

Општа карактеристика на водоземците и влечугите во Заштитеното Подрачје Национален Парк Маврово е високиот степен на видов диверзитет. Во рамките на територијата на Паркот регистрирано е присуство на вкупно 11 видови на водоземци, што претставува 73.3% од вкупниот број на водоземци на национално ниво, претставени со 15 видови, како и 24 видови на влечуги, што претставува 75% од вкупниот број на влечуги на национално ниво, претставени со 32 видови. Три (3) видови на водоземци и пет (5) видови на цицачи се утврдени како Балкански ендемити.

ПТИЦИ

За време на истражувањата во рамките на овој проект, потврдено е присуството на 129 видови на птици од кои 68 видови се нови за орнитофауната на НП Маврово. Еден вид Phoenicurus erithrogaster е нов вид за Орнитофауната на Македонија. Од листата на Директивата за дивите птици (Directive 2009/147/EC), во НП Маврово се среќаваат 19 видови вклучени во листата на Annex I. Два (2) вида на птици се вклучени во категоријата SPEC1, додека седум (7) видови се вклучени во категоријата SPEC2. Анализата на категориите според Европскиот статус на закана на популациите (ETS‐ European Threat Status) покажува дека во НП Маврово престојуваат 32 видови на птици со статус на закана во категориите (V,R,D).

ЦИЦАЧИ

Вкупниот број на досега регистрирани видови цицачи за територијата на Националниот Парк Маврово е заокружен на 50 видови, што претставува 59.5% од вкупниот број на видови регистрирани на Национално ниво (84 видови). Помеѓу нив, особено се значајни петте (5‐те) видови на цицачи, кои се утврдени како Балкански ендемити.  Според постоечките истражувања, направени се мерења од кои се покажува дека на територијата на паркот опстојуваат голем број на големите цицачи како ,Кафеавата Мечка (Ursus arctos), Балканскиот Рис (Lynx lynx martinoi), Волк (Canis lupus) и Балканската дива коза  (Rupicapra rupicapra balcanica).

КЛУЧНИ ЕКОСИСТЕМИ

Од вкупната површина на Паркот која опфаќа 72,416.80 ha, 45.82% или 33,179.15 ha* се покриени со шуми. Анализата на структурата и застапеноста на различните типови на шуми, укажува дека широколисните шуми доминираат во Паркот, со 70.72% во однос на целокупната површина под шуми. Следуваат, мешаните шуми со 18.90%, шикарите со 9.37%, иглолисните шуми со 0.96% и култури од шуми со 0.05%. Планинските екосистеми со 35,604 ha, или 49.17% зафаќаат најголем дел од територијата на Паркот и се развиваат на надморски височини од 1,800 до 2,764 метри. Просечната годишна температура во овој појас изнесува од 0°C до ‐4°C, а просечната количина на врнежи 1,250 mm. Акватичните екосистеми зафаќаат површина од вкупно 1,704 ha или 2.35% од вкупната територија на Паркот. Од целокупната водна површина во Паркот 75% отпаѓаат на акумулацијата Мавровско Езеро; 10.3% на идната акумулација Луково Поле; 1.1% на идната акумулација Бошков Мост; 13.1% на површина покриена со реки и потоци, што вкупно изнесува 99.5%. Останатите 0.5% отпаѓаат на водни површини покриени со леднички езера и темпорални локви.

ВЕГЕТАЦИЈА

Вегетацијата во Националниот Парк Маврово е претставена со вкупно 41 заедница, од кои 25 шумски, 3 ливадски и 13 заедници на високопланинска вегетација. Шумските екосистеми се претставени со вкупно 25 шумски заедници, од кои четири (4) заедници припаѓаат кон Крајречни шумски заедници, 15 заедници се типични шумски заедници, во појасите на дабови и букови шуми и шест (6) шумски заедници во деградирани стадиуми. Ливадските заедници на територијата на Паркот се застапени со вкупно три заедници, од кои две низински и една планинска. Скоро 50% од површините на Паркот се покриени со високопланинска вегетација (356 km2). Високопланинската вегетација ја градат 13 јасно определени флористички и еколошки заедници. Видовите што ја градат високопланинската вегетација во Паркот се претставени со различни флорни елементи, меѓу кои од најголемо значење се автохтоните терциерни елементи.

ПРЕДЕЛИ

Според природните карактеристики и доминантните елементи, во Националниот Парк Маврово утврдени се четири (4) типа на предели и тоа: Крајречни, шумски, високопланински и Маврово, како посебен тип на предел. Според своите визуелни и естетски особености, идентифицирани се предели со исклучителна природна убавина и предели со особен сценски изглед. Во категоријата на предели со исклучителна природна убавина вклучени се вкупно 12 предели, додека во категоријата на предели со особен сценски изглед се вклучени вкупно 11 предели.

Logos Slider