Уредување на планинарска патека од с. Требиште до ледничко езеро Локув
Јавната установа Национален парк Маврово, во рамките на своите надлежности, продолжува со активностите за промоција на своите природни богатства и развој на дополнителни туристички содржини.
Овојпат тоа го правиме преку проширување, маркација и уредување на лесна планинарска патека која од с. Требиште води кон живописното ледничко езеро Локув – едно од “скриените” бисери на паркот.
Во рамки на активностите, патеката е значително подобрена, проширена и јасно обележана со нови маркации, патокази и информативни табли, со што движењето низ теренот станува полесно и побезбедно за посетителите.
Посебно внимание е посветено и на просторот околу самото езеро, каде што се уредени зоните за одмор со поставени настрешници и клупи, овозможувајќи им на планинарите и туристите да уживаат во мирот и убавината со која изобилува овој планински предел.
Спроведените активности се дел од пошироката мисија на Националниот парк Маврово за развој на одржливиот туризам, подобрување на условите за посетителите и промоција на најубавите туристички локалитети во паркот.