Пошумување со подсејување на локалитет „Брана“ во Национален Парк Маврово
Управата на Јавната Установа Национален Парк Маврово – Маврови Анови, согласно законските обврски и според планските документи, како и задолжението за пошумување во шума каде што е воведен шумски ред по елементарна непогода на локалитетот „Брана“, во одделите 67а и 68а, спроведе пошумување со подсејување.
На ден 12.11.2025 година, стручните служби на Паркот, во присуство на надлежниот инспектор од областа на шумарството, кој е задолжен за контрола при воведување на шумски ред и интервенција со пошумување на наведениот терен, извршија подсејување со елово семе од автохтоно потекло, добиено од регистрирана семенска состојна и потврдено со Уверение за потекло и процентуална ртливост на семето, издадено од Факултетот за шумарски науки, пејсажна архитектура и екоинженеринг „ХАНС ЕМ“ – Катедра за семенарство, Скопје.
Постапката се спроведе на локалитетот „Брана“ со подготовка на теренот и методот со плоштатки, со фрлање на семе заедно со лушпи, имитирајќи го природниот начин на осеменување во природата.
Целта на активноста е исполнување на законското задолжение и стручна мерка за ревитализација на насадот и негово враќање во првобитна состојба пред природната непогода.
Мерката се спроведе на терен со 10,5 килограми елово семе на површината на која претходно е воведен шумски ред, според издадено Решение од надлежниот шумарски инспектор.
Со оваа активност, Националниот Парк Маврово уште еднаш ја потврдува својата посветеност на заштитата, обновата и негувањето на шумските екосистеми – нашето најголемо природно богатство.
Преку ваквите активности ја исполнуваме нашата мисија – зачувување на природата за идните генерации и одговорно управување со шумските ресурси.