Навремена интервенција на службите на Националниот парк „Маврово“ – локализиран и изгаснат пожарот кај село Бибај
На 15.08.2026 година, благодарение на навремената, брза и координирана реакција на вработените во ЈУ Национален парк „Маврово“, пожарот што избувна во близина на село Бибај е успешно локализиран и изгаснат, со што е спречено негово понатамошно ширење и загрозување на околната природна средина.
Според првичните сознанија, постои сомневање дека пожарот е предизвикан како последица на човечки фактор. Случајот уште еднаш ја потврдува потребата од максимална внимателност и одговорно однесување при престој во природа, особено во периоди кога ризикот од појава и брзо ширење на пожари е зголемен.
Од ЈУ Национален парк „Маврово“ упатуваме апел до сите жители, посетители и корисници на просторот на Националниот парк да се однесуваат совесно и одговорно, да не оставаат отпад и запаливи материјали и доследно да ги почитуваат мерките и препораките за заштита од пожари.
Зачувувањето на природното богатство не е само обврска на институциите и надлежните служби, туку и заедничка одговорност на секој поединец. Само со внимателно и одговорно однесување можеме да ги заштитиме шумите, биодиверзитетот и природните вредности на Националниот парк „Маврово“.
Навремената реакција спречува штета, но одговорното однесување го спречува пожарот.






