Денес, 28.05.2026 година, Јавната установа Национален парк Маврово, во соработка со Македонската риболовна федерација, успешно ја реализираше втората фаза од порибувањето на Мавровското Езеро со 2.090 кг. крап.
Со оваа активност продолжуваат напорите за збогатување и заштита на рибниот фонд во водите на Националниот парк Маврово, со цел создавање подобри услови за развој на спортскиот риболов и зачувување на природниот баланс на езерото.
Порибувањето се спроведува во пресрет на Светското првенство во спортски риболов на крап, кое оваа година ќе се одржи токму на Мавровското Езеро. Организирањето на ваков значаен меѓународен настан претставува голема можност за промоција на Националниот парк Маврово и риболовниот туризам во Македонија.
Воедно, ЈУНП Маврово ги потсетува сите спортски риболовци дека е во сила забрана за лов на крап, која ќе трае до завршувањето на Светското првенство.
Апелираме до сите посетители и љубители на спортскиот риболов да ги почитуваат правилата и со одговорно однесување да придонесат кон зачувување на природните вредности и унапредување на рибниот фонд во Мавровското Езеро.
Заедничката грижа, соработка и поддршка се клучни за успешно организирање на вакви значајни настани и за понатамошна афирмација на Националниот парк Маврово како препознатлива дестинација за спортски риболов и туризам.

Logos Slider