Над 2.000 килограми крап пуштени во Мавровското Езеро пред Светското првенство во спортски риболов
Подготовките за Светското првенство во спортски риболов на крап влегуваат во завршна фаза – Мавровското Езеро повторно порибено со повеќе од 2000 килограми крап
Во рамки на интензивните подготовки за организација на Светското првенство во спортски риболов на крап, кое годинава ќе се одржи на Мавровското Езеро, Јавната установа Национален парк Маврово, во партнерство со Македонската риболовна федерација, реализираше ново порибување на езерото со 2.092 килограми крап.
Оваа активност претставува дел од стратешки планираните мерки за унапредување на рибниот фонд и обезбедување соодветни услови за успешно одржување на најзначајниот светски спортско-риболовен настан. Истовремено, порибувањето има и долгорочна еколошка вредност, бидејќи придонесува кон зачувување на биолошката разновидност, стабилноста на езерскиот екосистем и одржливото управување со природните ресурси.
Организацијата на Светското првенство претставува исклучителна можност за меѓународна промоција на Националниот парк Маврово и на Република Македонија како препознатлива дестинација за спортски риболов, активен туризам и природни вредности од светско значење.
Потсетуваме дека останува во сила времената забрана за спортски риболов на крап, која ќе важи до завршувањето на Светското првенство. Почитувањето на оваа мерка е од суштинско значење за заштита на порибениот фонд, зачувување на рибниот потенцијал и обезбедување фер и квалитетни услови за одржување на натпреварувањето.
Во насока на доследно спроведување на мерките за заштита, Службата за заштита на природата при ЈУ Национален парк Маврово спроведува засилени теренски контроли и континуиран 24-часовен мониторинг на Мавровското Езеро. Секое постапување спротивно на законските прописи и важечките забрани ќе биде предмет на соодветни законски санкции.
Јавната установа Национален парк Маврово изразува искрена благодарност до Македонската риболовна федерација за успешната соработка, професионалниот пристап и заедничката посветеност во подготовката на овој престижен меѓународен настан, како и во спроведувањето на активности насочени кон заштита, унапредување и одржливо управување со рибниот фонд.
Преку вакви координирани активности, Мавровското Езеро дополнително го зацврстува својот статус како една од најзначајните спортско-риболовни дестинации во регионот и подготвено го очекува доаѓањето на најдобрите светски спортски риболовци.






