ЧИСТАТА ПРИРОДА Е НАША ЗАЕДНИЧКА ОДГОВОРНОСТ 🌿
Денес Јавната установа Национален парк Маврово активно се приклучи на големата национална еколошка акција ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД, уште еднаш потврдувајќи дека грижата за природата не е само обврска, туку вредност која мора секојдневно да се живее, негува и гради.
Иако ваквите активности претставуваат дел од секојдневните работни обврски на вработените во ЈУНП Маврово, денешната акција имаше посебно значење. Ова е наша силна и обединета поддршка на една благородна иницијатива која испраќа јасна порака за важноста на чистата и здрава животна средина.
Во акцијата активно се вклучија сите вработени во паркот, при што беше ангажирана сопствената механизација, возила, а дополнително беше обезбедена опрема, ракавици и вреќи за отпад со цел акцијата да се реализира ефикасно и успешно.
Се чистеше на повеќе локации низ Националниот парк Маврово – околината на Мавровското Езеро, патниот правец кон с. Галичник, од видиковецот кај Царевец до с. Маврово, излетничкото место Црн Камен, се чистеше и уредуваше просторот околу Туристичкиот информативен центар во Маврови Анови, локацијата околу кампот во Маврово, делови од патот Маврови Анови – Дебар, како и просторот околу мостот Еленски Скок. Акцијата наиде на срдечен поздрав од страна на туристите кои ги затекнавме на терен. Дел од нив ни се приклучија и со своето присуство ни го разубавеа овој убав еколошки ден,
Се надеваме дека оваа денешна акција ќе испрати силна порака до секој граѓанин на Република Македонија а посебно до локалното население и посетителите на НП Маврово. Секој од нас самиот одлучува за својата животна околина, за изгледот на местото во кое живее, за она што како наследство ќе им го оставиме на идните генерации и секој од нас може да придонесе кон почиста средина и поздрава иднина.
ЈУНП Маврово очекува што поголем број на граѓани да се вклучуваат во вакви иницијативи, затоа што само заедно и организирано можеме да влијаеме врз подигнувањето на свеста за значењето на чистата животна средина – како за нашето здравје, така и за зачувувањето на природните богатства и напредокот на нашата држава.
♻️ Да ја чуваме природата денес – за да ја имаме и утре.

Logos Slider