Денес, 17.11.2023 во управата на Националниот парк Маврово се одржа првиот конститутивен состанок на Советот на засегнати страни во Националниот парк Маврово. Советот на засегенати страни е советодавно тело на Националниот парк Маврово и го сочинуваат претставници од различни институции и организации: Општината Маврово и Ростуше, Хотелско-угостителскиот сектор, месните заедници, верските заедници, јавни претпријатиија, невладини организации, МВР, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за земјоделство и други правни лица кои вршат дејности и активности за користење на природните ресурси на територијата на заштитеното подрачје. Состанокот го отвори Директорот на Националниот парк Маврово Самир Ајдини при што ги запозна присутните за работењето на НП Маврово и ја нагласи важноста на ова советодавно тело кое ќе има голема улога при изработката на планот за управување на НП Маврово.

За претседател на советот на засегнати страни е избран Тоше Дингоски од Маврово кој е и вработен во Општината Маврово и Ростуше како раководител на ЛЕР, а за секретар е избран Адмир Мусаи вработен во НП Маврово кој е раководител на правното одделение. Се донесе и деловникот за работа по што се отвори дискусија каде што присутните отворија неколку теми од различни области кои се важни за работењето на паркот како и за жителите и правните субјекти кои вршат дејност на територијата на паркот. Директорот Самир Ајдини нагласи дека управата на паркот скогаш излегува во пресрет на барањата на жителите и субјектите во рамките на законските можности. Тоа паркот го правел во минатото и ќе продолжи и во иднина и нагласи дека донесувањето на Планот на управување ќе се води транспарентно а за тоа голема улога ќе има и Советот на засегнати страни.

Со оглед на важноста за изработката на Планот за управување на НП Маврово, Советот на засегнати страни донесе заклучок да се оджуваат почести седници за да се даде квалитативен придонес во изработката на овој важен стратешки документ.

Logos Slider