ПАТЕКИ ЗА ПЛАНИНСКИ РЕКРЕАТИВЕН ТУРИЗАМ ВО НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК МАВРОВО
Општи напомени
На територијата на Националниот парк Маврово се наоѓаат голем број патеки кои можат да се користат за пешачење и планински велосипедизам. Тие се со различна тежина, должина и степен на употребливост. Патеките што се содржани во овој информативен материјал се наменети за рекреативен планински туризам и истите се стандардизирани и категоризирани од страна на Македонската асоцијација на интернационални водачи во планина согласно со меѓународните критериуми.
Овие патеки се дел од културното и цивилизациско наследство на Република Македонија. За нивното одржување и инфраструктурно уредување се грижи ЈУ Национален Парк ‘‘Маврово‘‘ со стручна асистенција на професионални водачи од Македонската асоцијација на интернационални водачи во планина.
ЈУ Национален Парк ‘‘Маврово‘‘ не превзема одговорност за личната безбедност на корисниците на патеките, а за безбедно движење по истите препорачува задолжително почитување на правилата за движење и престој во планина, користење комплетна опрема и ангажирање професионален водач во планина со валидна лиценца за работа. Ако сакате вашата рекреација да биде вистинско уживање, не заминувајте на турата без ранец, соодветни планинарски чевли, сад за течност, заштитна облека за дожд или снег, стапови за пешачење, резервна облека, прибор за прва помош. Доколку се одлучите за планински велосипедизам, покрај претходно посочената опрема, препорачуваме задолжително користење заштитен шлем, а ве потсетуваме дека вашиот велосипед треба да биде во целосна техничка исправност.
При движењето во зоната на пасишта ќе наидете на стада овци кои се придружувани од кучиња – чувари кои во вакви ситуации реагираат заштитнички кон стадото, манифестирајки привидна агресија кон посетителот. Меѓутоа кучињата не се агрсивни, туку само си ја вршат својата работа да го заштитуваат стадото и при средба со нив потребно е смирено да се реагира и да се почека да се појави овчарот. Обично при првата комуникација што ќе ја направите со овчарот кучињата се смируваат. Не треба да реагирате со страв и агресија или непотребно да им се приближувате на стадата и кучињата.
ЈУ Национален Парк Маврово ги моли посетителите за грижливо однесување кон природните и културните вредности во паркот со цел нивно зачувување за идните генерации.
Дополнителни информации може да се добијат во Туристичко информативниот центар на Националниот парк Маврово на тел: (042) 489 425
ПАТЕКИ ЗА ПЕШАЧЕЊЕ
Патеки во Мавровската котлина и на планината Бистра
1 Инфо Центар – Врв Кожа – Врбен
Убава рекреативна патека со прекрасни панорами над Мавровската котлина и регионот на Горна река. Може да се комбинира со патеката (патот) до село Врбен. Подлогата е пријатна за газење сочинета главно од земја и трева. Патеката е маркирана. Вдолж патеката има неколку извори со вода, меѓутоа заради нивната непостојаност, најдобро е да се наполни вода во Маврови Анови. Од врвот на Кожа патеката води до над селото Врбен и правејки круг околу планината повторно се враќа во Маврови Анови. Постои опција од врвот да се продолжи до културно историскиот локалитет Манастирот Света Петка или до сафари паркот во месноста Бунец. Вдолж патеката на повеќе места има клупи за одмор, но нема засолништа и угостителски објекти.
Кружна тура над Леуново
Одлична повеќенаменска патека над селото Леуново. Ги задоволува апетите на сите посетители, од рековалесценти и лесни рекреативци до спортски ориентирани рекреативци и и спортисти на подготовки, како и возачи на планински велосипеди. Всушност тоа е шумско технички пат кој може да се користи во текот на целата година. Од Април до Ноември патот е сув и е добар за пешачење, трчање и планински велосипедизам, а од Декември до Март може да се користи за турно и нордијско скијање. Патот е маркиран, и заради тоа што станува збор за шумско технички пат, ориентацијата воопшто не е проблем. Подлогата е удобна за движење како за пешачење, така и за возење велосипед. Заради тоа што е поставена во шумскиот појас, движењето е пријатно во текот на целиот ден. Извори со вода за пиење има на две места, но патот минува и покрај повеќе потоци. Нема технички тежини.
Ниќифорово – Врв Сандакташ
Стара патека која што претставува дел од културното наследство на паркот бидејки за неа се врзани обичаи, настани и легенди кои потекнуваат од културната традиција на локалното население. Патеката започнува од центарот на селото Ниќифорово и се движи покрај Петилепска река до местото Петти леб, каде што се наоѓа истоимениот извор со една од најубавите води за пиење во паркот. Од таму се продолжува по маркирана патека кон врвот Сандакташ (1981 м). Првиот дел на патеката, од Ниќифорово до Петти леб е во шума, а вториот дел од изворот кон врвот Сандакташ е во зоната на пасишта каде има можност за уживање во убави пејсажи и панорами. Патеката е маркирана и во најголемиот дел лесна за следење. Во услови на магла, на потегот од Петти леб до врвот Сандакташ потребно е внимателно движење и следење на маркацијата. Подлогата вдолж целата патека е мека и пријатна за движење. Доколку се најдете во паркот на 9 Август, денот на Светителот Пантелејмон и ден кога Ниќифорово ја празнува селската слава, задолжително поминете ја оваа тура за да уживате во неповторливо доживување и да слушнете за традициите на регионот директно од устите на локалното население. Техничките тежини се незначителни, а убавините и квалитетот на патеката непроценливи. Вода за пиење има во селото и кај изворот Петти леб.
Кружна патека над Маврово
Одлична ‘‘дневна доза‘‘ за умерените рекреативци кои се сместени во селото Маврово и околината. Поголемиот дел од патеката е во шума заради што може да се минува во било кој период од денот и за време на летните месеци. Лесна е за ориентација со следење на маркациите и патоказите што се поставени вдолж патеката. На неколку места патеката ја пресекуваат планински потоци, меѓутоа најдобро е вода за пиење да се наполни во Маврово.
Маврово – Чавкарник
Ова е патека со интересна историска вредност бидејки е поврзана со традициите и обичаите на локалното население. Патеката стартува од ски центарот во Маврово и завршува кај месноста Чавкарник, во близина на бачилото. Почетокот се протега низ шумскиот појас, а завршниот дел е во зоната на пасишта каде што може да се ужива во неповторливи панорами и пејсажи. Подлогата главно е земја и пријатна за движење. Вода за пиење има кај бачилото. Од бачилото може да се продолжи кон ски терените или пак кон месноста Пети Леб или врвот Сандакташ. При комбинирање на патеката со другите патеки во регионот, задолжително е користење на мапа.
Маврово – Врв Меденица – Галичник
Сериозен предизвик за добро подготвените планинари. Патеката е поставена главно на отворен простор и пружа многу убави пејсажи и панорами над Мавровското езеро, планината Бистра и долината на реката Радика. Патеката е маркирана, меѓутоа заради тоа што станува збор за движење во зоната на пасишта, задолжително е користење на мапа. Препорачуваме и ангажирање на професионален водач во планина. Подлогата во најголемиот дел е мека и движењето по неа е пријатно. На неколку места патеката се спојува со патишта за моторни возила, што дава можност за различно креирање на должината на турата. Денивелациите во качување главно се распоредени на почетокот на патеката и после пресекувањето на асфалтниот пат за селото Галичник се до врвот Меденица (2163м). Од врвот кон селото Галичник има спуштање со висинска разлика од околу 750 метри, меѓутоа со равномерен распоред и во најголемиот дел по мека подлога. Вода за пиење има само на едно место (месност Бошкова чешма), па затоа е потребно да се понесат течности во доволни количини (најмалку два литри по човек).
Галичник – Врв Говедарник
Пријатна патека која што води кон врвот Говедарник (2011 м). За време на искачувањето ќе имате можност да уживате во прекрасната панорама над Галичник и поширокиот регион над Долна река и Дебарската котлина. До излезот од карпестиот теснец патеката е видлива и лесна за следење, а од таму движењето кон врвот на Говедарник е со свртување во десно со следење на маркациите и планинската падина. Најголемите денивелации се совладуваат пред карпестиот теснец и во почетниот дел од падината на Говедарник. Подлогата на патеката е од земја, карпа, камен и алпска трева. Техничките тежини се умерени. Потребно е внимателно движење низ карпестиот теснец. Најсигурна вода за пиење е во селото Галичник.
Галичник – Јанче
Една од историските патеки во регионот. Патеката е стара, колку и самiтe селa и многу нешта од оваа патека се поврзани со историјата на Галичник и Јанче. За време на движењето по патеката пред туристот се отвораат едни од најубавите панорами во регионот. Патеката е видлива, лесна за следење и истата е маркирана. На патеката се наоѓа извор со вода таканареченото Софиино чешмиче. Многу пријатна патека која што поврзува две важни историски места во регионот. Подлогата е главно земја, на места со камен. Нема посебни технички тежини.
Селце – Суво поле – Галичник
Убава патека што поврзува две прекрасни села и минува низ живописното Суво поле. Патеката се протега од селото Селце преку Суво поле до пред селото Галичник. Во долниот дел е поставена над Јадовска река, а потоа се искачува кон Суво поле, а од таму кон селото Галичник. Делумно е поставена во шума, а делумно во зоната на пасишта. Патеката е видлива, маркирана и лесна за следење. Потребно е внимание при излегување на првите ливади покрај Јадовска река, каде што треба да се заврти во лево кон Суво поле. Подлогата е земја и камен, но пријатна за движење. Вода има кај бачилото на Суво поле, но најдобро е да се понесе од чешмите во Селце или Галичник, каде што извираат едни од најубавите води за пиење во паркот. Техничките тежини се умерени.
ГОРНА РЕКА
Патеки за пешачење во регионот на Горна река
Трница – Врбен
Многу интересна патека над кањонот на Мавровска река што ќе ве одведе од Трница до селото Врбен или обратно, зависно од појдовната точка. Може да се комбинира со патеките што водат за Богдево со што се овозможува креирање на кружна тура со подолго времетраење и прошетка низ поширока област од паркот. Патеката е маркирана и во најголемиот дел лесна за следење. Подлогата е земја, на места каменеста, меѓутоа главно е пријатна за движење. Делумно е поставена во шума, а делумно минува низ оголени предели. Техничките тежини се мали. Вода за пиење има во Трница и во Врбен.
Трница – Богдево
Многу убава патека која од Трница ќе ве одведе до селото Богдево. Преку остатоците од старата селска архитектура ќе можете да се запознаете со културното наследство и духовното богатство на Горно реканскиот регион. Патеката започнува од планинската куќа и кампот на Националниот парк Маврово во Трница, минува преку асфалтниот пат Маврово – Дебар и Мавровска река и се качува покрај напуштеното село Трница и Трничката шума кон селото Богдево. Почетокот на патеката е низ ливади, долниот дел се протега низ шума со ниска вегетација, а горниот дел е сместен во густа шума. Совладувањето на денивелациите главно е во првата половина од патеката. На околу еден километар пред селото Богдево патеката се спојува со шумскиот пат од Врбен за Богдево. Техничките тежини се мали. Вода за пиење има во Трница и во Богдево. Планинарењето може да се комбинира и со посета на селото Врбен, така што ќе се направи кружна тура чиј што почеток и крај ќе бидат во Трница. Изобилува со убави пејсажи и панорами.
Трница – Сенце
Една од патеките кои мора да се посетат. Нуди комбинација од рекреација, уживање во културните вредности и природните убавини на паркот. Посетата на селата Беличица и Сенце преставува патување низ времето, а движењето во зоната на пасишта и пределот околу Сенечките езера нуди прекрасни панорами, пејсажи и фантастична природа. Тежината е средна. Патеката е маркирана и главно лесна за следење, меѓутоа во услови на магла и намалена видливост потребна е зголемена внимателност. Подлогата е пријатна за движење. Вода за пиење има на неколку места вдолж патеката, но најдобро е да се наполни во Беличица или во Сенце. Од Сенце кон Трница може да се користи превоз или пак да се оди по патеката за село Волковија, а од таму за Трница, со што се прави кружна тура над Трница. Многу убава патека.
Сенце – Волковија – Трница
Идеална тура за љубителите на планинарењето низ диви предели. Патеката е сместена на карпестите падини на кањонот на Радика обраснати со густа борова шума. По целата должина на патеката се отвора прекрасна глетка кон масивот на планината Кораб. Денивелациите главно се над селото Сенце. Патеката е видлива и маркирана, меѓутоа потребно е внимателно движење заради карактерот на рељефот. Подлогата е земја и на места камен. Вода за пиење најдборо да се користи во Сенце, Волковија или Трница. Техничките тежини се умерени.
ДОЛНА РЕКА И МАЛА РЕКА
Патеки за пешачење во регионот на Долна река и Мала река
Патека до водопадот Дуф
Патеката води до една од најголемите туристички атракции во Националниот парк Маврово, водопадот Дуф. Стартот е во близина на старата селска џамија. На почетокот на патеката има инфо табла како и патокази. Целата патека до водопадот е маркирана, лесна за следење и добро обезбедена. Најголемиот дел од патеката е поставена во шума и во сенките под високите карпи, така да може да се минува во било кој период од денот. Подлогата е комбинирана, делумно земја, а во поголемиот дел карпеста. Техничките тежини се значителни, меѓутоа на сите деликатни места се поставени заштитни огради и мостови. Вода за пиење има насекаде. Потребно е внимателно движење. Мали деца не смеат да се движат по патеката без придружба од родителите. Ова е патека до една од локациите во паркот ‘‘кои мора да се посетат‘‘.
Скудриње Врв Крчин – Битуше
Ова е сериозен планинарски предизвик кој овозможува движење низ еден од најубавите предели на паркот. Патеката може да започне од селата Битуше или Скудриње, зависно до местото на престој. Во горниот дел се протега по највисоките делови на планината Крчин, при што постои опција и за искачување на врвот Голем Крчин (2341 м). Врвот може да биде искачен за околу еден час по маркирана патека што започнува од бачилото и Црквичката кои се наоѓаат во подножјето на врвот. Многу убава патека, преполна со пејсажи, панорамски места и прекрасни природни и рељефни форми. Во најголемиот дел патеката е добро видлива, маркирана и лесна за следење. Подлогата е земја, трева и камен и главно е пријатна за движење. Во долните делови е поставена во шума, а од 1700 метри и повисоко во зоната на пасишта. На три до четири места има извори со вода за пиење. Течничките тежини се умерени до средни.
Скудриње – Кале
Повеќенаменска патека за различни категории на туристи. Погодна е за пешачење, трчање и возење планински велоиспед. Содржи комбинација на спортски и културно историски вредности. На крајот на патеката се наоѓа археолошкиот локалитет Кале. Првиот дел од патеката се протега по улиците низ селото Скудриње, а на излезот од селото, кај спортските терени, продолжува по широк земјен пат, главно поставен во шума. Патеката е маркирана. Вода за пиење има во селото Скудриње и уште на две места вдолж патеката. Техничките тежини се мали, со исклучок на последната секвенца, искачувањето на локалитетот Кале каде што движењето е по стрмен карпест терен.
Скудриње – Присојница – Аџиевци – Ростуше
Стара комуникациска патека што ги поврзувала четирите Долнорекански села. Патеката е интересна, а минувањето низ селата и дава дополнителна вредност. Лесна е за следење и истата е маркирана. Подлогата е главно пријатна за движење, а по состав се менува од козја патека до шумско технички пат и афалт. Вода за пиење има во селата. Техничките тежини се мали.
Лазорополе – Врв Соколица
Лесна и убава патека погодна за сите категории на туристи. Најголемиот дел од патеката е поставен во шума, па затоа може да се минува во било кој период од денот. Пред врвот Соколица (1471 м) постои мала Црква посветена на Свети Спас. Глетката од врвот го остава посетителот без здив. Подлогата е мека и многу пријатна за движење како и целата патека. Ова е кратка тура која задолжително треба да се направи. Вода за пиење има во селото. Техничките тежини се незначителни со исклучок на последните десетина метри под врвот каде што е неопходно внимателно движење заради карпестиот терен.
Лазорополе – Елен Скок
Стара и многу убава патека со историско значење. Во минатото тоа била главната комуникација на селото Лазорополе со долината на реката Радика. Движењето е низ убава букова и дабова шума со пријатна подлога. Под местото Вртешка кај Гарски мост патеката се спојува со асфалтниот пат за Бошков мост. Од таму до мостот Елен Скок има околу 20 минути пешачење. Патеката е маркирана и лесна за следење. Многу убава вода за пиење има кај чешмата Липовник, на околу петнаесет минути од Лазорополе. Техничките тежини се умерени.
Лазорополе – Росоки
Прекрасна патека со големо историско значење. Минува низ историските локалитети Главино село и Калина дупка, за кои се врзани важни преданија од историјата на мијаците. Патеката е поставена во шума. Во горната половина на патеката се наоѓаат историските локалитети Главино село, а педесетина метри над Главино село се наоѓа пештерата Калина дупка. Многу важни настани од историјата на мијаците и селото Лазорополе се случиле на оваа локација. Патеката е видлива, маркирана и лесна за следење. Потребно е поголемо внимание на излезот од Главино село во правец кон Росоки. Вода за пиење има кај локалитетите Главино село и Калина дупка. Техничките тежини се умерени.
ПАТЕКИ ЗА ПЛАНИНСКИ ВЕЛОСИПЕДИЗАМ
Врбенска патека
Ова е една од патеките во паркот кои ‘‘мора да се видат‘‘. Перфкетен распоред на денивелации и квалитет на подлогата со многу убави пејсажи и панорами. Покрај тоа, патот минува низ убавото село Врбен, како и покрај сафари паркот на националниот парк Маврово, со што минувањето на патеката нема да биде само ‘‘обично‘‘ возење туку и можност за уживање во културните и природните вредности на паркот. Патот е комбинација на асфалт, макадам и земјен шумски пат и истиот е лесен за следење и ориентација. Вдолж патот има поставено маркации и патокази. Дел од патот е во шумскиот појас, а дел во зоната на пасишта. Вода за пиење има на неколку места, но најдобро е да се користи вода во Маврови Анови или селото Врбен. Техничките тежини се умерени.
Горно реканска патека
Сериозна патека за физички добро подоготвени велосипедисти. Почетокот е кај инфо центарот на Националниот парк Маврово и се протега низ многу убави предели со прекрасни панорами над Горно реканскиот крај. Патеката минува низ три села со автентична архитектура и диви предели богати со разновиден биодиверзитет. Најголемиот дел од патеката е поставен по широк шумски пат со цврста подлога, кој е лесен за следење и ориентација и маркиран со знаци и патокази. Вода за пиење има на повеќе места. Угостителски објекти има покрај Мавровското езеро и во селото Трница. Техничките тежини се умерени.
Патека по пејсажите
Една од најубавите патеки за планински велосипедизам во Националниот парк Маврово. Како што кажува нејзиното име, патеката нуди фантастично велосипедско искуство со уживање во најубавите пејсажи и панорами во паркот. Стартната точка е веднаш над селото Леуново кај месноста Студенче, каде што и формално завршува оваа кружна патека. Меѓутоа, со оглед на тоа што во паркот има развиена мрежа на патеки за планински велосипедизам, почетокот и крајот на турата може да се адаптираат според желбите и податоците од мапата. Најголемиот дел од патеката се протега по цврст и широк земјен пат кој во делот од селото Леуново до меснсота Батковица, како и од месноста Царевец до Маврово, се наоѓа во шума, а останатиот дел е во зоната на пасишта каде што доминираат убави пејсажи и панорами. Дел од патеката се поклопува со локалните асфалтни патишта. Ориентацијата по патеката е лесна и вдолж истата има голем број маркации и патокази кои јасно го покажуваат патот. На четири до пет места вдолж патеката има вода за пиење. Угостителски објекти има само покрај Мавровоското езеро. Техничките тежини се умерени.
Патека по Батковица
Патеката по Батковица преставува кратка варијанта на Патеката по пејсажите или на Шумската авантура. Почетокот е кај местото Студенче, над селото Леуново и преку месноста Батковица се спушта повторно надолу кон асфалтниот пат околу Мавровското езеро и кај месноста Пејчино речиште, во близина на западниот крај од селото Леуново излегува на асфалтот. Патот е земјен, широк и лесен за следење, обележан со маркации и патокази. Вода за пиење најдобро е да се користи кај месноста Студенче. Техничките тежини се умерени.
Патека од Маврово до Кичиница преку Царевец
Многу интересна патека низ убави шумски предели која може да се комбинира со другите патеки во регионот. Заради поставеноста во шумскиот појас може да се вози во било кој период од денот. Почетокот на патеката е по асфалтниот пат од Маврово за селото Галичник, и пред месноста Царевец се напушта асфалтот вртејки во десно од каде што започнува возење по широк и лесен за следење шумски пат. Вдолж патот има маркации и патокази. Вода за пиење има на две места и најдобро е да се користи водата од чешмата покрај асфалтниот пат за Галичник. Техничките тежини се умерени.
Патека од Маврово преку Бистра до Лазорополе
Уште една од патеките кои го брендираат Националниот парк Маврово како дестинација за планински велосипедизам. Ова е патека која мора да се проба како заради спортски, така и заради естетски причини. Одличните пејсажи и панорами, широкиот пат и удобната подлога, традиционалната архитектура и минувањето покрај неколку бачила кои имаат не само сточарско туку и културно историско значење и даваат на патеката атрибут на ‘‘тура која не смее да се пропушти‘‘. Патеката започнува пред инфо центарот во Маврови Анови и по асфалтниот пат за селото Галичник се протега до месноста Царевец каде што се напушта асфалтот и возењето продолжува низ пределот на пасишта. Неколку километри пред селото Лазорополе, кај месноста Бачилиште патеката повторно влегува во шумскиот појас. Патот е широк, главно земјен, лесен за следење и маркиран со добро видливи знаци и патокази. Дефинитивно една од најубавите патеки во паркот и во Македонија воопшто. Вода за пиење има на неколку места. Техничките тежини се умерени.
Патека од инфо центар до Галичник и Селце
Прекрасна патека која што се протега низ неколку области во паркот. Започнува пред инфо центарот на Националниот парк Маврово и се протега по асфалтниот пат за селото Галичник. Пред Галичник, кај фудбалското игралиште, се напушта асфалтот и се вози по широк и лесен за следење шумски пат кој води кон селото Селце. Од Селце по асфалт патеката води надолу кон патот од селото Тресонче кон Бошков Мост, од каде што може да се прават различни комбинации на движење или по истиот пат да се вратите назад. Патот е маркиран. Вода за пиење има на неколку места и сите се фантастични. Доколку сакате да уживате во традиционална архитектура посетете ги селата Галичник и Селце. Ви препорачуваме задолжителен одмор покрај селската чешма во Селце. Угостителски објекти има покрај Мавровското езеро и во селото Галичник. Течничките тежини се умерени. На неколку места на земјениот пат од Галичник до Селце потребно е внимателно возење.
Кружна патека околу Лазорополе
Убав тренинг за спортисти и предизвик за рекреативците. Во време од околу два часа се минуваат најубавите предели на Малореканскиот регион. Патеката започнува од центарот на Лазорополе и се протега по земјен пат до селото Тресонче од каде што возењето продолжува по афалтен пат покрај Тресонечка и Росочка река до Гарски мост, каде што се врти во лево кон Лазорополе. Патеката може да се комбинира со други патеки за планински велосипедизам во паркот, зависно од желбите и можностите, со задолжително користење на мапа. Патот е широк, маркиран и лесен за следење. Вода за пиење има на повеќе места. Угостителски објекти има во селото Лазорополе. Техничките тежини се умерени.