Потпишан меморандум за соработка помеѓу ЈУ Национален парк Маврово и Македонското еколошко друштво
ЈУ Национален парк Маврово и Македонското еколошко друштво потпишаа меморандум за соработка. Меморандумот претставува документ кој им овозможува на двете страни подобра и плодна соработка во рамките на програмата за заштита на балканскиот рис. Двете страни се заложија за повторно отпочнување на активностите поврзани со мониторинг и заштита на рисот кои беа вклучени во акциониот план изготвен во 2013 година.
Балканскиот рис е критично загрозено животно кое сè уште се бори за опстанок. Националниот парк Маврово и неговата потесна околина претставува најзначајно подрачје за балканскиот рис. Закрепнувањето и реколонизацијата на неговата популација несомнено треба да отпочнат од ова подрачје. Се надеваме дека заложбите на двете организации ќе помогнат во враќање на овој симбол на дивината и на местата на кои одамна не се среќава.