Воведување на надоместоци во националните паркови и доделување на лиценци за водачи во планина
На 08.06.2013 година во просториите на Информативниот туристички центар при Националниот парк „Маврово“ во Маврови Анови, се одржа прес-конференција по повод донесување на одлуките на Владата на Р.Македонија за определување на висината на надоместоци за националните паркови „Маврово“, „Галичица“ и „Пелистер“.
Прес-конференцијата ја започна Министерот за животна средина и просторно планирање г-динот Абдулаќим Адеми кој истакна дека Владата ги потврди заложбите на националните паркови за поголемо вреднување на природните богатства на Република Македонија и со тоа обезбедува средства за уште поголема нивна заштита. „Се надевам дека надоместоците нема да се разберат како пречка во остварувањето на правото на посета на националните паркови, туку како личен придонес во заштита на природното богатство во РМ. Одговорното однесување при престојот и понатаму ќе биде основно правило за влез во паркот“, истакна министерот Адеми.
Донесените одлуки, во согласност со позитивните законски прописи, точно ги дефинираат формите и категориите на надоместоците кои ќе треба да се плаќаат при влез во националниот парк, за престојување или за паркирање на возилата и за искористување на плодовите од шумите во националните паркови. Согласно одлуките, од плаќање на надоместоци се ослободени лицата кои имаат живеалишта на подрачјето на националниот парк. Со ова, во областа на заштита на природата, практично се имплементира начелото „корисникот плаќа“, а собраните средства ќе се користат исклучиво за унапредување и заштита на националните паркови од кои потекнуваат.
Директорот на Националниот парк Маврово г-динот Онер Јакупоски појасни дека пред да почнат да се имплементираат овие одлуки ќе се спроведе заедничка кампања на сите национални паркови со што ќе се информираат посетителите за новите надоместоци и ќе се даде време истите да се адаптираат на новите правила. Исто така Директорот Јакупоски во оваа прилика промовираше дел од проектите кои се реализирани во Националниот парк „Маврово“ како што се обележувањето на 510 км. планинарски и велосипедски патеки како и добивањето на лиценци за осум водачи во планина со што Паркот ја зголеми туристичката понуда со надградување на инфраструктурата и зајакнување на човечките ресурси.
По завршувањето на прес-конференцијата Директорот на НП „Маврово“, Министерот за животна средина и Градоначалникот на Општина Маврово и Ростуша доделија осум лиценци за професионални водачи во планина кои живеат на територијата на Паркот кои успешно ја завршија обуката по УИМЛА стандардите што беше спроведена од Македонската асоцијација за интернационални водачи во планина.