Заштитените подрачја на Динарската верига се стремат кон подобри односи со локалните заедници
ЗАГРЕБ 25.02.2016 – Светската организација за заштита на природата WWF Адриа во соработка со мрежата на заштитени подрачја Паркови Динариди ги обедини претставниците на повеќе од 60 заштитени подрачја од Динарскиот регион во Личкиот пештерски парк Грабовача на работилница за унапредување на односите со локалното население.
Работилницата беше посветена на воспоставување на механизми за следење на нивото на соработка меѓу заштитените подрачја и локалните заедници, преку утврдување на индексот на интеракција и дефинирање на мерки за негово зголемување. Работилницата беше предводена од Виолета Орловиќ Ловрен (СРБ) и Јана Кус Венвилет (СЛО), експерти во областа на одржливо управување со заштитените подрачја.
Овој настан беше можност да се одржи состанок на Управниот одбор и Генералното собрание на Паркови Динариди – мрежа на заштитени подрачја на Динаридите, на која присуствуваа членови на Меѓународната асоцијација, како и претставници на заинтересираните заштитени подрачја.
“Паркови Динариди во иднина ќе посвети посебно внимание на развојот на механизмите за соработка со локалните заедници и промовирање на добри практики во регионот и светот, за начините на кои локалното население може да почувствува социо-економски придобивки на живеење во заштитени подрачја” – изјави Леон Кебе од WWF Адрија лидер на проектот “Заштитените подрачја за природата и луѓето”.
Целта на овој проект е да се подобри квалитетот на животот на луѓето кои живеат или гравитираат на територијата на заштитените подрачја, преку промовирање на одржливо користење на природните ресурси, спроведување на заеднички иницијативи со локалното население и подобрување на политиката за заштита и валоризација на природните ресурси.
“Мрежата Паркови Динариди на вчерашната седница донесе програма за работа со финансискиот план за 2016 година. Особено не радува и приемот на 11 нови заштитени подрачја во членство во мрежата, со што нашето влијание во регионот значително ќе се зголеми “, изјави Зоран Мрдак, претседател на мрежата Паркови Динариди кое после ова генерално собрание брои 63 членови.