Проект „Попреченоста е само прашање на перцепција“ – Кампања “Осети природа”
Осум планинари овој викенд, во Националниот Парк Маврово продолжија со подготовките за придружба на лица со оштетен вид во планина. Идејата на обуките е да се подготвиме и да им овозможиме на барем 3 лица со оштетен вид да го почувствуваат “будењето да пролетта”. Обуката се содржеше од теориски и практичен дел во природа, осврнувајќи се на главните аспекти на движење на планина со лицата со оштетен вид.
За оваа група на луѓе природата не е лесно достапна и тие често зависат од своите блиски. Кампањата “Осети природа” ќе поттикне соработка помеѓу планинарите и лицата со оштетен вид и на тој начин ќе им овозможи на овие лица да се охрабрат да излегуваат почесто од урбаната средина во природа и да ја уживаат со сите сетила. Како крајна цел е да се влијае врз јавната перцепција кон лицата со оштетен вид преку создавање позитивни примери за надминување на попреченостите. Активностите започнуваат во доцна пролет кога и ќе се изведат прошетките на планина. Обуката ја спроведува Здружението НАТУРА МК Скопје со поддршка на Националниот Парк Маврово кој се приклучува на активностите со желба во иднина да ја изгради првата адаптирана патека за лица со оштетен вид во Македонија.
Кампањата “Осети природа” – иницијатива за луѓе со оштетен вид е дел од Проектот „Попреченоста е само прашање на перцепција“, финансиран од Европската Унија во кој партнери се Институтот за медиуми и различности од Лондон, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации на Македонија.