Промоција на уредени планинарски и велосипедски патеки во Ростуше
По презентацијата на планинарските и велосипедските патеки вo Инфо центарот во Маврово, на 15.11.2011 година во Салата на советот на Општина Маврово и Ростуша се одржа презентација за жителите на долно-реканскиот крај. На овој настан присуствуваа директорот на НП Маврово г-дин Онер Јакупоски, градоначалникот на општината г-дин Мукрем Мехмеди, претставници од ОКСФАМ Италија, претседателите на неколку месни заедници како и кандидатите за водачи во планина. Маркирањето на планинарските и велосипедските патеки е во рамките на проектот „Заштита на животната средина, економски развој и промоција одржливиот еко туризам“ финансиран од Владата на Р.Италија во партнерство со ОКСФАМ Италија, Национален парк Маврово и Општината Маврово и Ростуша. Како и за време на првата презентација во Маврово, по поздравните говори презентација одржа Константин Циривири кој објасни дека се маркирани 510 км. планинарски и велосипедски патеки, согласно сите највисоки стандарди, а маркираните патеки се со различна тежина што овозможува привлекување на туристи од сите возрасти. Тој истакна дека се користени истите оние патеки кои луѓето со векови ги користеле за разни потреби, а со маркирањето истите се ставаат во функција на развојот на руралниот туризам. По завршувањето на презентацијата се отвори дискусија при што сите присутни ја поздравија оваа активност и дадоа предлози за нови патеки кои секако ќе бидат земени во предвид во понатамошните активности. На оваа средба беа промовирани и новоизработените мапи кои ќе им послужат на туристите за подобра ориентирација при движењето по овие патеки.