Старт на новата скијачка сезона во Маврово
Денес во Маврово успешно стартуваше зимската туристичка сезона.
Добрите временски услови, снегот и добро уредените ски стази беа причина ски центарот “Заре Лазаревски„ да го посетат повеќе од 1000 гости. Според вработените во скијачкиот центар, ова е добар старт на сезоната, а снегот кој падна изминатата недела дава надеж дека и оваа година ќе го има доволно а со тоа ќе има и се повеќе посетители.
Задоволни од стартот на сезоната се и хотелиерите како и сопствениците на рестораните и приватното сместување, кои се веќе подготвени за пречек на првите гости. Се очекува зголемување на бројот на странски туристи за време на католичкиот Божиќ а Маврово ќе биде преполно и за време на нова година и празниците кои следуваат.
Она што вреди да се забележи е дека Маврово почнува да блеска во сиот свој сјај, а сите оние кои сакаат барем малку да избегаат од градските гужви, треба да се упатат кон овој туристички бисер на Македонија. Патиштата се чисти и проодни но сепак ви препорачуваме да возите внимателно, и секако, да не заборавите да ја понесете задолжителната зимска опрема.
Доколку планирате да останете неколку дена, ве потсетуваме дека може да го искористите туристичкиот информативен центар на Националниот Парк “Маврово„, каде што покрај основните информации за регионот, може да добиете информации и за сместувачките капацитети, цените, информации за ресторани и сл.