ПОЗНАЧАЈНИ ЕКСПЕРТСКИ НАОДИ ЗА КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО НА ТЕРИТОРИЈАТА НА НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК “МАВРОВО„
АРХЕОЛОШКО НАСЛЕДСТВО
Значителниот број локалитети, регистрирани на територијата на националниот парк “Маврово„ зборува во прилог на континуираниот развој на еден организиран начин на живеење. Хронолошките граници на евидентираните археолошки локации опфаќаат период од доцната антика па сé до доцносредновековниот период, Сепак, најголемата концентрација на археолошки локалитети припаѓа на средновековниот период и нуди драгоцени податоци за квалитетите на живеењето на медиевалната популација на оваа територија.
Значењето на археолошките артефакти и порепрезентативните теренски наоди, наметнува потреба од создавање на трајни форми и видови на нивна презентација во правец на културна афирмација на регионот . Археолошкото наследство, како базична компонента на културниот идентитет на регионот, би требало да добие третман на еден од поважните сегменти во планирањето на идните проектни активности.
ГРАДИТЕЛСКО НАСЛЕДСТВО
Сакрални објекти
Културното наследство на националниот парк “Маврово„ кое го претставуваат сакралните споменици ги отсликува најважните димензии на творечкиот придонес на локалната популација во оформувањето на културниот идентитет на подрачјето, богато со репрезентативни објекти и обележано со високи ликовни дострели и остварувања. Паралелното егзистирање на христијански и исламски сакрални зданија, кои соодветно говорат во прилог на архитектонските и уметничките традиции негувани во текот на долгите столетија, сведочи за творечката кохабитација на различни култури, обединети во креативниот хабитус на денешното поднебје. Обележани со вештината на мајсторите – градители и облагородени со раскошната живописност на декоративните компоненти, тие се вистински репрезенти на специфичните димензии и одлики на комплексниот културен идентитет на регионот.
Во редот на најстарите сакрални објекти се вбројува и најрепрезентативниот споменик на архитектонско-уметничкото наследство на регионот, манастирскиот комплекс Свети Јован Бигорски. Наследувајќи ги духовните вредности на старото култно место од 11 век, и изграден врз темелите на постари, средновековни објекти, манастирот, обновен од крајот на 18 и во првите децении на 19 век, претставува компактна архитектонска целина, која со своите градителско-ликовни квалитети е вистински репрезент на културниот идентитет на ова подрачје.
Посебно место заслужува и црквата посветена на Светите Апостоли Петар и Павле во селото Тресонче, која претставува локација од извонредно значење за согледување на традиционалните вредности на регионалниот културен амбиент. Базиликалната градба со трикорабна диспозиција (средина на 19 век), со подоцна дограден отворен трем, е извонредно поврзана со морфологијата на теренот, градејќи возбудлива и впечатлива целина со живописниот предел.
Непостоењето на соодветна маркација на сакралните објекти, која би упатувала на нивната локација, е една од причините за отежнатото пронаоѓање и пристигнување до соодветните локалитети.
Наспроти релативно големата концентрација на христијански сакрални објекти културното наследство кое ги опфаќа исламските споменици покажува драстично поредуциран обем. За нив во архивската документација на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата,постојат за жал само оскудни информации, кои заедно со недостатокот од соодветен истражувачки третман и непостоење на релевантна стручна литература, го оневозможуваат нивното вреднување во контекст на општиот придонес на исламското наследство за културната слика на регионот.
Профани објекти и традиционална архитектура
Профаните објекти сочинуваат значителен по обем и важен по своето значење дел од културното наследство на регионот. Тие ги одразуваат специфичните форми на живеењето од изминатите времиња и ја рефлектираат комплексната слика на разнородните фактори, кои влијаеле врз начинот на создавањето на архитектонската визура на урбаните и руралните средини на оваа територија. Богатството на зачуваниот фонд и специфичните облици на профаните градби и објектите на традиционалната архитектура говорат во прилог на карактеристичната претстава за градителските традиции, негувани во текот на 19 столетие.
Структурата на руралните населби кои се наоѓаат на територијата на националниот парк “Маврово„ покажува различни карактеристики, кои произлегуваат од конфигурацијата на теренот, климатските одлики на поднебјето и начинот на организација на животните форми. Притоа, во регионот се застапени најмногу збиените и полузбиените селски населби, додека разбиениот тип села се среќава мошне ретко. Фактот што најголем дел од селата претставуваат планински населби, укажува на соодветниот начин на нивната организација како рурални единици, со архитектонски профил дефиниран од елементите на хронолошкиот развој на градежните објекти, чија долна граница може да се постави во првата половина на 19 век. Не занемарувајќи ја констатацијата дека архитектонската визура на селата во регионот претрпела определени промени, сепак, одреден број од населбите ја зачувал својата оригинална структура, која ја одразува функционалната и естетската вредност на локалните градителски специфичности. Тоа најмногу се однесува на селата во областа на Долна Река и во Малореканскиот предел, чии архитектонски одлики се остварувања на мајсторите од локалните градителски тајфи. Лоцирани во живописниот предел со динамични природни квалитети, овие рурални населби претставуваат исклучителни примери на традиционалното градителство, обележани со вредностите на локалната културна матрица.
Во тој контекст би ги издвоиле селото Битуше, лоцирано во областа на Долна Река; Малореканското село Росоки; соседното Селце; Малореканското село Тресонче кое нуди поразлична слика за организацијата на стамбените единици и поседува поинаква и единствена урбанистичка поставка во однос на селата од овој регион како планинска населба од разбиен тип; селото Галичник кое со својата рурална структура претставува органско единство од повеќе ансамбли – одделни мала, поврзани во единствена архитектонска целина со извонредно вклопениот архитектонски изглед на старите куќи, поврзан со драматичниот пејзажен амбиент. Меѓу руралните населби, обележани со извонредна живописност на архитектонската визура, совршено вклопена во автентичниот планински пејзаж, спаѓаат и селата Лазарополе, Гари и Јанче.
ЕТНОЛОШКО НАСЛЕДСТВО
Традиционални занаети и вештини
Развојот на занаетите, квалитетот на занаетчиската продукција и одликите на традиционалните изработки се значаен дел од културниот хабитус на националниот парк “Маврово„ , кој го одразува специфичниот начин на живеење на локалната популација и говори во прилог на одржувањето и негувањето на изворните елементи на етно-културната стратиграфија на поднебјето. Појавата на определени занаети и развојот на вештините бил поврзан со специфичната организацијата на животот во одделните населби и се одвивал во тесна врска со локалните карактеристики на подрачјето, резултирајќи со екстензивна слика на занаетчиски дејности и богата продукција на традиционални форми на локалното производство. Промената на животните услови, современата животна динамика и воведувањето на новите производни средства и технологии кои го поедноставуваат и забрзуваат процесот на изработката, придонесле голем дел од регистрираните занаети да се изменат, некои од нив сосема да исчезнат, а други да се интегрираат во мануфактурното и индустриското производство.
Она што може да се констатира е фактот за наполното исчезнување на најголем дел од традиционалните занаети, кои му го отстапиле своето место на современото индустриско производство.
Извесен континуитет може да се забележи само во развојот на одделни занаетчиски техники (кацарски, столарски, кујунџиски занает), чија продукција покажува мошне редуциран обем и ограничен пласман на производите.
Од традиционалните вештини, кои некогаш се негувале како специфични форми на народната продукција, денес можат да се регистрираат: ткаењето, везењето, килимарството и копаничарството, кои, иако “модернизирани” во смисла на употребените современи материјали и суровини, ги задржале традиционалните карактеристики на изработката. Во тој контекст, на прво место треба да се спомене изработката на традиционалните народни носии, кои покажуваат извонредна живописност на декоративните елементи и колористичката разиграност.
Може да се констатира дека богатиот фонд на автентично зачуваната народна носија, како и репрезентативниот обем на нејзиното континуирано производство, претставува солидна база за планирање на поорганизирани начини за нејзино претставување во вид на етнографски збирки и колекции од посебен карактер, кои би ја афирмирале оваа, по многу свои карактеристики, најрепрезентативна традиционална вештина во општината .
Можноста за утилизација на оваа вештина во продукцијата на сувенири со традиционалните одлики на народната носија, би можела да биде искористена за различни видови активности во контекст на афирмација и популаризација на етнолошкото наследство, во рамките на организираната туристичката понуда.
Ткаењето на разновидни видови ткаенини, особено обработката на волната на традиционалниот начин од минатото, исто така претставува една од регистрираните вештини, кои се одржуваат во современата рурална опстановка на населбите во регионот, иако во мошне редуциран обем. Постоењето на традиционалните разбои, регистрирани во некои од Реканските села, сéуште овозможува продукција на волнени изработки со завиден квалитет, кои претставуваат составен дел од уредувањето на домашните ентериери.
Адекватно планираните активности за дизајнирање, продукција и дистрибуција на овие производи, би овозможиле нивен соодветен пласман на поширокиот пазар и би обезбедиле афирмација на дел од традиционалното производство на ова подрачје. Од аспект на можноста за искористување на традиционалните вештини во планираните активности за развој на културниот туризам, волнените изработки би можеле да претставуваат интегрален дел од ентериерниот дизајн на сместувачките капацитети, одразувајќи го соодветниот однос кон традиционалните вредности на карактеристичниот локален амбиент.
Локални обичаи и фолклорна традиција
Една од компонентите за вообличување на општата културна слика на регионот е постоењето, одржувањето и третманот на живото наследство, кое ги содржи разновидните сегменти на локалните митови, усните преданија, древните легенди, ритуалите, сезонските обреди и обичаите поврзани со свадбените и посмртните церемонии и верските празници. Кондензирајќи го во себе екстрактот на народните верувања од изминатите столетија, овие елементи го одразуваат специфичниот “мит” на локалната популација, вграден во социолошкиот концепт на современото живеење. Негувањето на живото наследство, кое ги комеморира прастарите форми на народните традиции преку современата култна практика, претставува едно од важните обележја на културниот идентитет на ова подрачје, рефлектирајќи ги многувидните димензии на неговата етно-културна стратиграфија.
Во постоечката литература, стручна и популарна, егзистира богат фонд на податоци за фолклорната традиција на регионот, чие богатство и разновидност биле предмет на воодушевување на патеписците и хроничарите, а станале и дел од истражувањата на многубројни историчари и етнолози. Израснувајќи од обредното музичко наследство, кое во одделни краишта (Мијачки предел), бележи древна хронологија и досегнува до средновековниот период, фолклорниот хабитус на ова подрачје се развил во повеќе видови на традиционално пеење, чии одгласи се зачувале како музички фон на современите народни случувања. Извонредно инспиративните пастирски, свадбарски и печалбарски песни, љубовната лирика и обредните напеви, како и инструменталните матрици за народните игри, претставуваат драгоцен реликт од далечното минато на народната традиција. Сепак, поради замирањето на културно-уметничките друштва и згаснувањето на традиционалните фолклорни манифестации, карактеристичното музичко наследство на регионот живее преку покомпактен формат на изведба во текот на одвивањето на сезонските обреди и на деновите на верските празници.
Она што би можело најдобро да ги дефинира изворните форми на традиционалните обичаи во регионот и грижливата нега за нивно континуирано одржување е раскошниот ритуал на Галичката свадба, која секоја година, на Петровденскиот празник, се одвива како свеченост од општонароден карактер.
Ревитализацијата на содржините на старите обичаи и нивната поширока афирмација, како и реанимацијата на богатата фолклорна традиција, во контекст на поорганизирани форми на презентација, би придонесле за трајно презервирање на традиционалните квалитети на етнолошката ризница во соодветни видови на културно претставување пред пошироката јавност.