Консултативен состанок за формирање на советодавни тела на НП Маврово
Во организација на Националниот парк Маврово на 13.12.2013 во хотелот Макпетрол во Маврово се одржа консултативен состанок со цел формирање на советодавни тела на Националниот парк Маврово што како обврска произлегува од Законот за заштита на природата, кои ќе му помогнат на субјектот задолжен за управување на заштитеното подрачје што поефикасно да ја оствари својата цел.
На состанокот присуствуваа: Директорот на Националниот парк Маврово, Градоначалникот на Општина Маврово и Ростуша, претставник од WWF светската организација за заштита на природата, вработените во паркот, претставници од локалната самоуправа, претставници од месните заедници, претставници од хотелско-угостителските претпријатија, превозници, претставници од Јавни претпријатија, професори од Шумарскиот факултет и Природно-математичкиот факултет како и медиумите.
Состанокот го отвори Директорот на Националниот парк Маврово Онер Јакупоски кој го истакна значењето на формирањето на двете тела Советот на засегнати страни и Научниот совет и на присутните им посака успешна работа со охрабрување за активно вклучување во дискусиите со цел да се предложат квалитетни персонални решенија укажувајќи на фактот дека треба да се има предвид да бидат опфатени што поголем број засегнати страни за секој од својата област да има свој претставник.
Во понатамошниот дел на состанокот се пристапи кон формирањето на консултативните тела на паркот
– Советотот на засегнати страни и
– Научниот совет.
Директорот на Националниот парк Маврово Онер Јакупоски ги соопшти предлог членовите на Научниот совет во кој влегуваат Професорите од Шумарскиот факултет Василевски Коле, Македонка Стојановска, Владо Малетиќ, Дана-Дина Колевска, Ацо Трандафилов и Панде Трајков и Професорите од Природно-Математичкиот факултет: Бранко Мицевски, Владо Матевски и Митко Кардаделев. На овие предлози немаше забелешки со што се констатира дека Научниот совет е формиран.
Директорот на Националниот парк Маврово ги соопшти организациите кои со свои претставници треба да учевствуваат во советот на засегнати страни: Единиците на локалната самоуправа, месните заедници, Локалните здруженија на граѓани и НВО, Органите на државната управа, Државни и Локални Јавни претпријатија, Хотелско-угостителските претпријатија, превозниците, Риболовни здруженија, Планинарски водачи, Туристички агенции, Планинарски друштва, Агенции за подршка на туризмот и руралниот развој, медиумите и други правни лица кои гравитираат на територијата на паркот. По доставување на уште неколку предлози од страна на присутните кои паркот ќе ги разгледа се костатира дека со овие предлози се опфатени сите чинители на активности од сите области кои можат да придонесат за што поуспешно работење на паркот со напомена дека овие институции во најкус можен рок да ги достават свотте персонални решенија и што побрзо да биде формиран советот.
Претставникот од НП Маврово Гоце Анастасоски одржа презентација за Развојните можности на НП Маврово во проектот Динарска верига и Еуропарк Федерацијата „Каде сме и каде сакаме да стигнеме“.
Претставникот од WWF Светската организација за заштита на природата одржа презентација за Европскиот чартер за елитен туризам, како да се стигне до тој сертификат каде што членуваат повеќе од 200 заштитени подрачја и кои би биле бенефитите за НП Маврово со приклучувањето и исполнувањето на стандардите за Европскиот чартер за елитен туризам.