НП Маврово активен партнер во проектот „Промоција на еко производи во прекуграничната област“
На 29.01.2016 во хотелот Радика – с. Леуново беше организирана завршната конференција за проектот „Промоција на еко производи во прекуграничната област“ финансиран од Европската унија како дел од ИПА програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Албанија. На истата учествуваше и директорот на Националниот Парк Маврово м-р Онер Јакупоски кој се обрати до сите присутни и зборуваше за значењето на овој проект, во кој нашата институција имаше партнерска улога. Беше потенцирана важноста од успешното реализирање на сите предвидени точки од проектот, и залагањето на сите инволвирани сето ова да биде една успешна приказна од која најголем бенифит ќе има локалното население. Директорот ја нагласи поврзаноста на овој проект со проектот за едукација на локалното население за собирање на шумски плодови на територијата на националниот парк, при што беше потенцирано дека во моментов со дозвола за собирачи се стекнале околу 1000 лица а се отворени и три откупни пунктови. Сето ова е еден огромен потенцијал и дава шанса ваквите проекти да опстојат и успешно да се развиваат. Отварањето на двата пазари, едниот во Маврово а другиот во месноста Зад Чука во Реканскиот регион, ќе им даде можност на овие луѓе директно да пласираат дел од производите кои ќе ги собираат низ пределите на паркот. Тие заедно со останатите производители на еко храна, може и треба да бидат значаен дел од локалната економија и двигател на истата. Помеѓу другото директорот ја нагласи улогата на локалното население и производителите кои ќе ги користат пазарите, како еден од двигателите на туристичкиот развој на регионот. Еко храната и локалните производи треба да бидат нешто по кое регионот ќе стане препознатлив. Квалитетот кој го имаме е неспорен и надалеку познат. Туристите го препознаваат регионот како интересно подрачје вредно за посета, а понудата на што повеќе производи само ќе го зголеми нивниот интерес за престој во овој преубав дел од Македонија, истакна директорот на НП Маврово.
Првиот од двата пазари беше отворен на 30.01.2016 во Маврово на локација во близина на ски центарот Заре Лазарески.