Обука во рамките на проектот: Напредни системи за превенција и рано откривање на шумски пожари
На територијата на Националниот парк Маврово се одржа обука на дел од вработените од паркот како дел од активностите кои се предвидени во рамките на проектот: Напредни системи за превенција и рано откривање на шумски пожари.
Проектот: Напредни системи за превенција и рано откривање на шумски пожари е финансиран во рамките на повикот за Програмата за цивилна заштита: 2016. Главната цел на проектот е развивање на напредни концепти за системите за рано откривање на шумските пожари со интегрирани мрежи на сензори и мобилни технологии (дронови) за собирање, стекнување и анализа на податоци, што ќе овозможи подобрување на процентот на откривање на пожари во областите од висок степен на важност. Системот ќе овозможи иден развој и инплементација на различни методологии во почетната фаза на предупредување, локализација и организација на противпожарните тимови и тактики за спречување на природни несреќи.
Обуката се состоеше од теоретски и практичен дел каде што во теоретскиот дел од страна на предавачите беше презентирано софтверското решение на системот за рана детекција на пожари, неговите оперативни функции и како вработените од паркот да пристапат до него и да ги превземат релевантните информации. Вработените беа запознаени со типовите и карактеристиките на безпилотните летала (дронови) и нивната примена во секојдневниот живот како и примената на истите во работата во Националниот парк Маврово.
Управувањето на дроновите беше предвидено во практичниот дел од обуката каде учесниците имаа можност да ги управуваат истите при што се стекнаа со значајно искуство за работата, карактеристиките ни и големите можности кои можат да се применат во секојдневната работа на паркот посебно во раната превенција на пожари.
Треба да се истакне дека со овој проект капацитетите на паркот се значително зајакнати и преку примената на овој систем кој засега е предвиден на само еден дел од паркот, ќе се извлечат значајни заклучоци за примената на современата технологија со борбата со шумските пожари и успешноста на овој проект ќе придонесе инсталирање на исти или слични технологии на територијата на целиот парк.