Пошумување/Потсејување со елово семе во Националниот парк Маврово
Националниот парк „Маврово“ во рамките на своите надлежности а согласно повеќегодишните плански документи и годишната програма за работа врши пошумување на целата територија што трае преку целата година во зависност од тоа што се пошумува.
Во тек е активност за подсејување со елово семе кое ќе трае неколку недели и ќе се одвива на целата територија на паркот, особено на подрачјата каде што е извршена интервенција со одгледувачки мерки. Ќе нагласиме дека целокупната количина од елово семе потекнува од семенските состојни регистрирани на територијата на паркот. Еловото семе односно еловите шишарки се собираат во соработка со месното население. Предвидено е да се пошуми 150 хектари со елова шума за што ќе се искористат 1500 килограми елово семе.
Активноста за потсејување со елово семе дава одлични резултати и има голем процент на успешност. Ваквата активност која што се спроведувала и претходно дава видливи резултати на терен, што го покажуваат и сликите за извршено потсејување пред 15-20 години.
Националниот парк „Маврово“ и понатаму ќе продолжи со активности кои произлегуваат од планските документи за работа, а воедно секогаш се вклучувала и ќе се вклучува со подршка и свој придонес за сите акции од ваков карактер кои се организирани од страна на државата.