Повеќе илјади гости од земјава и од странство се присутни во селото-музеј Галичник, каде годинава се одржува полувековен јубилеј на традиционалната Галичка свадба. Меѓу гостите ќе бидат и претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов и министерот за надворешни работи Никола Попоски придружуван од претставници на дипломатскиот кор.

Утрото активностите почнаа со канење на кумот и мртвите. Венчавката ќе се одржи во црквата „Св. Петар и Павле“, а централната прослава ќе биде збогатена со настапот на КУД „Кочо Рацин“, со ората „Тешкото“ и „Невестинско“, и со концерт на етно групата „Калевала“.

Галичката свадба, која е организирана манифестација од 1963, во изминатите пет децении прерасна во туристичка атракција. Содржи 30 свадбени обичаи од мијачкиот крај, а невестата два дена е облечена во носија составена од 46 делови, тешка 25 килограми. Свадбите во Галичник секогаш се правеле околу верскиот празник Петровден кога печалбарите се враќале дома.

Остави Коментар

Logos Slider