„Ден на одгледувачите на овци и кози“ – Маврово 2013
Под покровителство на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Општина Маврово и Ростуша, Националниот парк Маврово, Регионалното здружение на одгледувачи на овци од Западна Македонија, Факултетот за земјоделски науки и храна и Институтот за сточарство, во близина на скијачкиот центар во Маврово, по осми пат се одржа манифестацијата „Ден на одгледувачите на овци и кози“.
Во своето обраќање, градоначалникот на општина Маврово-Ростуша, г-дин Мукрем Мехмеди, истакна дека целта на оваа манифестација е на нашите пасишта да се врати бројот на овци од минатото, и со низа мерки да се поттикне локалното население својот економски бенефит да го најде во овчарството.
Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, г-динот Зоран Коњаноски истакна дека анализите покажуваат дека без силна поддршка на земјоделците, а и на сточарите, нема да имаме успех, бидејќи условите пред 30-40 години биле поинакви од оние денес, и токму од тие причини е неопходно да се обезбеди уште посилна поддршка за овчарството. Тој истакна дека бројот на овци постепено се зголемува, и тоа може да се види и од последните податоци од Заводот за статистика, а воедно истакна дека се задоволителни и резултатите од преработката и производството на млеко.
Во рамки на манифестацијата се одржаа натпревари во молзење и стрижење овци, изложба на автохтони колекции на овци, демонстрација на машинско молзење и стрижење овци и изложба на кучиња од расата македонски овчарски пес „шарпланинец“ сето тоа збогатено со културно-уметничка програма.
На крај манифестацијата заврши со заеднички ручек и со доделување на признанија за најуспешните.
Во натпреварот во молзење на овци во мошне голема конкуренција првото место го освои Осман Усеинов од село Дедели кај Валандово, а во натпреварот во брзо стрижење на овци, најуспешен беше овчарот Ратодер Асад од Велес.