National Geographic Traveler, Lonely Planet и Yahoo Travel дел од екипата која го посети НП Маврово
Дваесетина странски медиуми и туроператори кои деновиве од Кoсово и Албанија пристигнаа во Македонија, како дел од нивната регионална турнеја за запознавање со туристичките потенцијали на Западен Балкан, беа гости на Националниот Парк Маврово и посетија дел од најубавите туристички локации во овој регион. Лошите временски услови не ги спречија гостите да ги забележат туристичките потенцијали на НП Маврово а поголем дел од нив беа презадоволни од програмата која им беше понудена иако истата во голема мерка мораше да биде изменета- скратена.
Турата „Недела на авантури“ во Македонија ќе трае до 4 септември, до кога странските гости ќе се запознаваат со туристичката понуда на земјава. Меѓу нив се и претставници на реномираните National Geographic Traveler, Lonely Planet и Yahoo Travel.
Целта на посетата е промоција на Македонија како дестинација за активен туризам пред највлијателните туроператори и медиуми од Северна Америка и Европа, со цел зголемување на бројот на странските туристи во земјата. Туроператорите ќе воспостават врски со бизнисите од секторот туризам во земјата за во иднина да можат да продаваат патувања до Македонија.