Заловена прва женка рис во Националниот Парк „Маврово“
На 24 февруари 2020 година Македонското еколошко друштво (МЕД) и Националниот парк „Маврово“ со помош на кафез-замка заловија нова единка балкански рис на планината Бистра во близина на село Ростуше.
Овој рис е четврт рис, следен со радиотелеметрија и GPS-лоцирање на територијата на паркот и прва женка рис.
Во постапката за успивањето на животното и земањето биометриски податоци и примероци учествуваа биолози од МЕД, вработени во Националниот Парк „Маврово“ а асистираше и претставник од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје и биолог вработен во НП Харц, Германија.
Според МЕД, се работи за рисица на возраст 6–7 години, тешка 15 kg. Единката е здрава и витална, а тоа го потврдува и првиот најден плен на терен – срна, само три дена по заловувањето.
Рисицата е крстена Лиса по желба на ренџерите од НП „Маврово“ и е третата женка означена со околувратник во досегашните мониторинг сесии, а деветта различна единка рис заловена во рамки на истражувачките активности од Програмата за закрепнување на балканскиот рис кои МЕД систематски ги спроведува од 2010 година.
Околувратникот ќе овозможи следење со радиотелеметрија и GPS-лоцирање и ќе ни овозможи нови информации за распространувањето и однесувањето на ова критично загрозено животно.
Фотографиите од ова заловување се направени од Себастијан Кенеркнехт (Sebastian Kennerknecht) од Германија, професионален фотограф за диви животни (https://www.pumapix.com/about/)