[:mk]

ПСД Макпетрол традиционално во месец мај последните неколку години организира голема планинарска акција – “По Трасата на Гасоводот” . Изминатите години го шетавме теренот во околината на Крива Паланка и можеме да кажеме дека детално го проучивме. За оваа година се определивме да ја смениме локацијата, да им овозможиме на планинарите запознавање и со други убавини на нашата прекрасна земја. Изборот падна на Маврово – податокот што природата во овој крај е заштитена во рамките на Националниот Парк Маврово доволно зборува за убавините и богатството на растителен и животински свет во овие предели. Како дополнување на оваа акција, оваа година се нафативме да организираме и трка во планинско трчање – Државно Првенство на Македонија. Одличен повод да се доближат двете сродни дисциплини – планинарењето и трчањето.

Акцијата бараше опсежни подготовки – благодарение на бројните соработници и неколкуте нескромни спонзори – се беше спремно за отпочнување на акцијата. Од Скопје во раните утрински часови појдоа пет автобуси. Дождливото време во изминатите денови како да поколеба дел од пријавените учесници, но сепак најголемиот број од пријавените се појавија на зборното место – и – се надевам – не зажалија.

Автобусите пристигнаа околу 8 часот. Времето беше прилично добро – не врнеше, на моменти се појавуваше и сонце. Планинарите наскоро појдоа по – во почеток – стрмната патека на двоседешницата – во правец на горното бачило – Трифкова колиба. Таму одморија малку и некои од нив прошетаа во непоседната околина, додека една поголема група се определи за подолгата патека – кружна патека – во правец на делот од планината каде се одвиваше трката. Во меѓувреме се спуштија ниски облаци, магла, стана посвежо и видливоста доста се намали. Одвреме навреме времето се поправаше, за да наскоро пак се затвори. Што да се прави, таков беше денот.

Кога групата планинари стигна кај контролната точка од трката (КТ1) – каде што имаше поставено маса со чадор – вода и закуска од спонзорите – се одморија малку, се окрепија со производите што останаа по штотуку завршениот натпревар. Почна да врне дожд, кој наскоро прилично се засили. Со забрзан чекор групата се спушти по шумата и потоа по убавиот шумски пат, попатно преминувајќи 4 – 5 поточиња. Во овој дел од годината се беше толку зелено што речиси ќе ве заболат очите од зеленило. Некои прилично намокрени – некои посуви бидејќи имале поквалитетна опрема – околу 14 часот пристигнаа кај ски-центарот “Заре Лазаревски”.

Во меѓувреме долу се одвиваше вториот дел од програмата – Државното Првенство на Македонија во Планинско Трчање. Трката беше и изборна за претстојното Балканско Првенство кое ќе се одржи во Бугарија. На стартот се појавија 41 натпреварувач + тројца тркачи кои овој ден го посветија на подолг тренинг низ планината во должина од 31 km, но првиот дел го трчаа заедно со натпреварувачите.

Манифестацијата ја отворија со поздравни говори – г-н Мукрем Мехмеди – градоначалник на општината Маврово и Ростуша и г-н Дејан Ангеловски од Атлетската Федерација на Македонија – главниот организатор на трката. Наскоро се беше подготвено за старт – натпреварувачите нестрпливи да потрчаат во планината, а и ние организаторите сакавме побргу да почне трката – да го искористиме колку што може повеќе периодот на добро време.

Во 9:45 градоначалникот го означи стартот на трката. Натпреварувачите летнаа како да беа катапултирани од зад стартната линија. Патеката водеше од почеток по широк шумски пат, низ кој повремено се сливаа мали поточиња вода – поради обилните врнежи претходните денови. Потоа патеката врти во лево – во правец на врвот Сандакташ – повторно по шумски пат, минувајќи неколку помали поточиња, но во кои сепак мора да ги намокриш нозете (патиките). Дополнителна тешкотија правеа некои коприви и ниски гранчиња од капини, кои останаа и покрај опсежното чистење што го правевме во изминатиот период. Имаше паѓања, лизгања. Секакви убавини кои му даваат посебен шарм на планинското трчање – нешто што го нема во урбаните трки. Потоа доаѓа стрмен дел низ убава букова шума – се трча по тепих од паднати лисја. Наскоро се излегува на почист терен – со по некоја смерка која ќе ве загребе по нозете. И – потоа доаѓа контролната точка (КТ1) – мала влошка од цивилизација во планината – чадор за сонце, масичка, пластични шишиња вода, лимон, банана, коцки шеќер, чоколатца… На лево – круг и назад кон стартот.

Младинките трчаа само до горе – 5,2 km. Имаше – за жал само една младинка. Младинците и жените – сениорки трчаа до горе и назад до почетната точка – 10,4 km. А мажите – сениори – го продолуваат своте “машко гинење” со уште едно искачување до контролната точка – 15,6 km. Тука завршува за нив трката, а потоа, како десерт – мора да се вратат назад до почетната точка уште еднаш. На второто качување – за повеќето од нив – заврна дожд и тоа не баш слаб. Но храбрите тркачи трката ја завршуваа со широка насмевка на лицата.

[:]

Остави Коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Можете да ги користите следниве HTML тагови и атрибути:

<a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

[jw_easy_logo slider_name="Logos Slider"]