Работилница на тема „Поврзување на локалните заедници и заштитените подрачја“
Од крајот на 2015та година WWF Адриа работи на проект „Заштитените подрачја за природата и луѓето“. Една од целите на проектот е да се подобри соработката меѓу локалните заедници и управата на заштитените подрачја, со што значително ќе се подобри квалитетот на животот на локалните жители, а истовремено ќе се помогне кон остварување на целите на заштитеното подрачје за заштита на природата.
Во организација на WWF Адриа и Националниот парк Маврово, на 12.04.2017 година во просториите на Националниот парк Маврово се одржа работилница на тема „Поврзување на локалните заедници и заштитените подрачја“ Како претставници на WWF Адриа состанокот го водеа Воислав Тодоров и Емилија Божиновска а на поканата се одзваа неколку засегнати страни како туристички агенции, планинарски друштва, претставници на локалната власт како и претставници на приватните сместувачки капацитети кои работат на територијата на паркот и даваат голем придонес за развој и унапредување на туристичката дејност во НП Марово но исто така тие се најрелевантните субјекти кои можат да дадат предлози, мислења, сугестии и идеи како да се подобри комуникацијата во заштитеното подрачје.
Состанокот го отвори Директорот на Националниот парк Маврово, Онер Јакупоски при што се заблагодари на сите за присуството наведувајќи дека е од голема важност подобрувањето на коминикацијата на сите кои работат на територијата на паркот и значењето на поврзувањето на локалните заедници и заштитеното подрачје. Директорот помеѓу другото истакна дека управата на паркот како во минатото така и во иднина ќе подржува проекти и иницијативи за поврзувањето на локалните заедници и паркот како и за зголемување на комуникацијата со цел унапредување на заштитата на животната средина и развој и унапредување на туризмот.
По воведната презентација од Емилија Божиновска за метологијата и употреба на резултатите од истата за вклученоста на заедниците се пристапи кон пополнување на прашалниците. Се пополнуваа два типа на прашалници, едниот се пополнуваше од управата на НП Маврово за да се добијат информации од управата на заштитеното подрачје, а вториот прашалник се пополнуваше од останатите учесници за да се добијат информации од локалните заедници.
Последната точка од дневниот ред каде што беше предвидено време за инпресии од состанокот доби најголемо внимание каде што сите присутни дискутираа и даваа предлози како да се подобри комуникацијата помеѓу паркот и локалните заедници, а исто така беа отворени теми за подобрување на туристичката понуда и заеднички настап на сите чинители на туризмот кој работат на територијата на паркот каде што беа дадени неколку предлози кои треба да се разработат во наредниот период. Сите се согласија дека ваков тип на работилници се корисни и дека треба почесто да се одржуваат. Заеднички заклучок беше дека работилницата беше продуктивна и дека мора да се продолжи во иста насока.