Националниот парк „Маврово“ спроведува редовна еколошка акција
Во рамки на своите работни обврски и надлежности, ЈУНП Маврово деновиве ќе организира неколку акции за чистење на остатоци од комунален отпад по течението на реката Радика. Активностите се спроведуваат од страна на дел од вработените во НП Маврово.
Во текот на овој месец и со почетокот на пролетта, во план е покрај овие акции за чистење на локации по течението на Радика, да се спроведат акции за чистење околу Мавровско езеро како и други локации на територијата на целиот парк.
Воедно управата на ЈУНП Маврово апелира до граѓаните кои го посетуваат националниот парк или транзитираат низ него, да се погрижат отпадот да биде оставен на соодветни места и истиот да не го расфрлаат насекаде.
ЈУНП Маврово согласно новите законски овластувања во кои се предвидени и казнени мерки, во иднина ќе спроведе низа активности за спречување на несовесното однесување на некои од посетителите на паркот.